ДВ: Да не се гиба во идентитетот на македонскиот народ, рече Халими
Шефот на државата не треба да биде партиски послушник. Предлозите на Нимиц се познати и тие треба да се разгледуваат на тој начин што нема да се гиба во идентитетот и интегритетот на ниеден народ што живее во Македонија, вели претседателскиот кандидат на ДПА Илијаз Халими во интервју за Дојче Веле.
Илијаз Халими е еден од ветераните во македонската политика и препознатлив лик за ДПА. Тој влезе во претседателската трка во последен момент, наспроти кампањата што ја поведе владејачката ДУИ за „консензуален кандидат“ и за бојкот на изборите. Опозициската партија на Албанците ги прогласи првично за неважни изборите за шеф на државата, за потоа да се премисли и да влезе во натпреварот.
Претседателскиот кандидат на Демократската партија на Албанците, Илијаз Халими е роден во Косово (во село Сушиќе), но кога имал 1,5 година неговото семејство се преселило во Тетово. Завршил Филозофски факултет на Универзитетот во Приштина.
Халими е претседател на Централното претседателство на ДПА – функција што ја презеде пред две години, по смртта на партиската икона Арбен Џафери. Тој е еден од основачите на ДПА, која настана во 1997. година со обединување на две партии, НДП и ПДПА во нов политички субјект, кој се наметна како порадикална конкуренција на тогаш водечката партија во албанскиот политички блок – умерената ПДП. Во разговор за Дојче веле Халими ги објаснува своите ставови за најактуелните теми во државата.
ДВ: Каков е Вашиот став за евроатлантското интегрирање на Македонија, вклучувајќи го и решавањето на спорот за името со Грција? Од албанскиот политички блок повремено доаѓаат предупредувања дека Албанците во оваа држава имаат се‘ помалку трпение и разбирање за блокадите на таквите интеграции …
Халими: Од парламентарните избори зависи дали евроинтеграцијата на Македонија ќе се придвижи нанапред, или не. Ако остане на власт оваа политичка гарнитура, тогаш не треба да очекуваме дека ќе може да се реши проблемот со името и Македонија да влезе во НАТО и во ЕУ. Коалицијата на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ веќе имаше можност шест години по ред да го реши ова прашање, но никако да дојде до тоа. Единствено ако се сменат силите во наредната власт, ќе се укажат можности да се стори нешто. Ако ДПА влезе во Владата, тогаш имаме стратегија како да се реши овој проблем. Како претседател на државата јас би постапил малку поинаку од Иванов, кој недоволно се ангажира во овој правец, бидејќи е повеќе послушник на својата партија. Како актуелен претседател тој никогаш досега не презеде никаква иницијатива за да се состанат претставниците на релевантните четири партии во земјата. Зошто не формираше посебна група на стручњаци, кои можат повеќе да придонесат со поцврсти предлози за решавање на спорот за името? Тоа би им ја олеснило работата на претставниците на тие четири релевантни партии. Ова би бил мојот прв чекор, кога би станал претседател. Инаку, предлозите на посредникот Нимиц се познати и сите тие треба да се разгледуваат на тој начин што нема да се гиба во идентитетот и интегритетот на ниеден народ што живее во Македонија. Ниту на Македонците како најмнозински народ.
Текстот во целост прочитај го тука.
