Кандидатот за пратеник Коџобашиев: Со нови мерки за најранливата категорија граѓани
Еднократно отпишување на долговите на социјално ранливите категории на граѓани. Ова е една од мерките во изборната програма на ВМРО ДПМНЕ. Долгови за електрична енергија, радио дифузна такса, долгови кон банка и други државни институции ќе им се бришат на граѓаните кои земаат социјална парична помош, на семејствата со ниту еден вработен и на сите најпогодени од економската криза.
„За наведените категории на граѓани, отпишувањето на долговите и обврските од страна на банките, ЕВН и други деловни субјекти ќе се изврши на доброболна основа преку ослободување на плаќање данок кон државата во висина на отпишаните обврски на граѓаните, рече Ѓорѓи Коџобашиев, кандидат за пратеник на ВМРО ДПМНЕ.
Освен оваа мерка од социјаната сфера, во изборната програма на ВМРО ДПМНЕ предвидени се уште неколку мерки и решенија со кои ќе им се помогне на најранливите категории на граѓани во земјава.
„Предвидено е зголемување на социјалната парична помош за 21, 5 %, по 5 % годишно во наредните четири години, обезбедување на материјално необезбедените родители на деца со пречки во развојот и згрижување на деца без родители и родителска грижа за 25%, воведување на посебен додаток за децата со даунов синдром, бесплатни спортски тренинзи и друго, рече Коџобашиев.
Проектот за отпишување на долговите на граѓаните ќе се реализира од септември годинава./Д.С