Неточно е дека вакцините ја зголемиле смртноста кај населението и дека има „смртоносни серии“ вакцини
Статистиката покажува дека за изминатиов период, 74 отсто од позитивните на ковид-19 во С. Македонија не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 76 проценти, додека само 24 отсто од хоспитализираните пациенти се целосно вакцинирани, говорат податоците од Министерството за здравство
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се изнесени низа невистинити, манипулативни тврдења за наводната „убиствена природа на вакцините против ковид-19“.
Како да убиеш седум милијарди луѓе? Ќе ги принудиш да те молат да им дадеш отров кој ќе ги убие! Многу брзо ќе се случи вашите здравствени должници да ви речат: Никој не ве тераше да го земете отровот, вие си одбравте! Студијата покажа дека во Македонија смртноста е зголемена 28 проценти после пелцањето! Ако смртноста се зголемува кај населението тоа е поради ,,нешто” што убива. Ако ова ,,нешто” е наметнато од одредени луѓе, тогаш без двоумење може да се каже ,,овие луѓе се убијци”. Ако тие свесно на ,,човечките заморчиња дозираат смрт со ваксин нуспојави”, зошто би мислеле дека не управуваат со испораката на пратките по државите? Во Шведска шеесет проценти се испорачани казнени серии поради непридржување до глобалистичките заклучувања. На Виктор Орбан, со љубов, Фајзер. Ако мислите дека Хрватска (плус 43 проценти), добила повеќе убиствени серии, почекајте да видите кои серии му ги пратија на Орбан (смртност плус 99 т.е. убиственост 0.76), дупло појако од Пленковиќ, се вели во првиот дел од постот што го рецензираме.
Во овој дел од своето излагање, авторката тврди дека неименувани ,,луѓе-убијци” испраќаат смртоносни серии вакцини против ковид-19 во точно и однапред определени држави, со цел во овие држави смртноста да биде повисока. Според авторката, има држави кои имаат повисока смртност на населението по вакцинација, затоа што „убиствени серии” им се испратени на овие држави.
Понатаму, се посочува дека одредена студија покажала дека смртноста во Македонија е зголемена за 28 проценти откако почнала вакцинацијата и како убијци се посочуваат политичари, лекари, медиуми, телевизиски личности, медицински експерти. Меѓутоа, студијата која што се споменува, не е наведена во објавата, ниту пак можевме со пребарување на интернет да пронајдеме било каква студија што приближно или индиректно го имплицира споменатото.
Колкава е смртноста од ковид-19 на вакцинираните, наспроти на невакцинираните граѓани?
Министерството за здравство објави анализа на смртноста, чии резултати се дијаметрално спротивни од оние изнесени во постот што го рецензираме. На 3 септември 2021 година, Министерството за здравство објави анализа на тоа во кои градови во државата смртноста била најголема, а во кои најмала, сето тоа доведено во корелација со стапката на вакцинирано население во тие градови. Според неа, за време на четвртиот ковид бран, од јули до крајот на август 2021 година, епидемиолошките анализи покажуваат дека најголема смртност имало во градовите каде што имало најнизок процент на вакцинирано население.
Во градовите како Гевгелија, Кавадарци, Ресен и Берово, каде опфатот со вакцинација е меѓу 54-61 проценти, бројот на починати е најмал, односно имало по еден починат. Тетово го пречека бранот само со 19 проценти вакцинирани граѓани во јули 2021 година и таму имаше најголем притисок врз болниците, најголем број хоспитализирани пациенти и најголем број смртни случаи, односно 106 до крај на август 2021 година.
Време е да ги отфрлиме сите заблуди во врска со вакцините и да се придвижиме кон фактите и кон реалните докази, кои всушност ни покажуваат колку тие се значајни и ефикасни. Целта е да го победиме вирусот, а тоа ќе го направиме само со масовна имунизација на целокупното население. Само на овој начин можеме повторно слободно да живееме, без ограничувања и без рестрикции, наведоа од Министерството за здравство.
Понатаму, на 22 октомври 2021 година, Министерството за здравство излезе со уште една анализа според која смртноста кај невакцинираните е драстично поголема. Според неа, во периодот од 6 август до 21 октомври 2021 година, починале 1506 лица, од кои 1246 пациенти, односно 83 отсто од починатите не биле вакцинирани, а само 260, односно 17 проценти примиле вакцина.
Починатите имале повеќе коморбидитети.
Статистиката покажува дека за изминатиов период, 31.692 граѓани, односно 74 отсто од позитивните на ковид -19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 76 проценти, додека само 24 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.
Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на SarsCoV2, соопштија од МЗ.
„Медикал Њуз Тудеј“ објави студија во ноември 2021 година, според која стапката на смртност од ковид-19 е значително помала кај оние кои се вакцинирани со двете дози, во споредба со оние кои се вакцинирани со една доза или воопшто не се вакцинирани. Ова го соопшти и британското национално биро за статистика (ONS).
Резултатите покажале дека во периодот од 2 јануари до 21 септември 2021 година, стапката на смртност кај невакцинираните била 849,7 на 100.000 жители, а меѓу вакцинираните со две дози, стапката била само 26,2 на 100.000 луѓе. За оние кои биле вакцинирани со една доза, стапката била 105,3.
Ова се убедливо најдобрите достапни податоци за ефикасноста на вакцините и спречување на најтешките исходи од Ковид, изјавил д-р Питер Инглиш, поранешен советник на националното тело за контрола на заразни болести, додавајќи дека вакцините не се стопроцентно ефективни, па некои луѓе ќе починат иако се вакцинирани.
Но, важна порака од ова истражување е дека вакцината е многу ефикасна против смрт од ковид-19. Имате 32 пати помали шанси да умрете од ефектите на ковид-19 ако сте вакцинирани, а една доза ви дава одредено ниво на заштита, иако не како две дози, истакнува тој.
Поголемата стапка на вакцинација значи помал степен на смртност
Коморбидитетите се меѓу клучните ризик фактори за зголемување на смртноста од ковид-19. Меѓу починатите од ковид-19 во државата, има и граѓани кои немаат придружни болести, но, според доктор Злате Мехмедовиќ, лекар и член на Комисијата за заразни болести, ковид-19 е мултисистемско заболување кое не засега само еден, туку повеќе органи во телото (1,11 минута од видеото во овој прилог). Во ниеден случај не е точно, ниту статистички потврдено, дека смртноста кај вакцинираните лица се зголемила, ниту пак дека вакцините се предизвикувач на смрт како што невистинито се тврди во постот што го рецензираме. Смртноста од ковид-19 по вакцинирањето не е последица на вакцините, туку на болеста ковид-19 и неговите соеви, како и на хроничните заболувања на граѓаните.
Во МАЛМЕД се пријавени само два сомнежи за смрт после вакцинација против ковид-19, а ниту еден од нив не е потврден.
Европската комисија на 26 ноември 2021 година објави дека поголемата стапка на вакцинација значи помала стапка на смртност и ова го темелеше на податоците од Европскиот центар за превенција и контрола на болести, кој го покажува односот на вакцинирани и смртни случаи во земјите од Европската Унија.
Вакцината на „Фајзер“ е иста во сите држави
Во врска со вториот дел од постот, во кој се вели дека одговорни за високата смртност се вакцини од специјални серии кои предизвикуваат повисока смртност, заклучуваме дека не е првпат од профилот на лицето чиј пост го рецензираме да се сподели оваа дезинформација.
Како што Вистиномер веќе пишуваше во претходната рецензија на истата тема, не е точно дека вакцините од некои серии предизвикуваат повисока смртност отколку други серии.
Вакцината на „Фајзер“ е иста во сите држави, се произведува во контролирани процеси и од националните влади и од интернационалните регулатори и од самиот производител.
Фајзеровата вакцина е одобрена и од СЗО и од ЕМА и од американските регулатори за лекови. Таа во сите држави е со ист состав. Во клинички испитувања, 23 илјади луѓе над 12 години ја примија оваа вакцина и клиничките испитувања покажаа дека таа треба да се одобри, нешто што и се случи во САД, а притоа „Фајзер“ доби дозвола за трајна употреба. Од 11 декември 2020 година досега, милиони луѓе ја примија оваа вакцина. Сериозни национални влади ги проверуваат сите до една серии на вакцините за нивната исправност и го контролираат квалитетот, а проверките ги врши и самиот производител „Фајзер“.
Овие контроли резултираат со проверки во национални лаборатории, а потоа вакцините добиваат свој сертификат за секоја издадена и произведена серија од која се гледа дека и националните регулатори во земјите каде се администрира вакцината, ги провериле и ги одобриле дозите за употреба пред да ги администрираат на своето население.
Првиот пример е со регулаторот за лекови на Австралија (Тherapeutic Goods Administration). Австралија независно го испитува квалитетот на „Фајзер“ вакцината прво со чекорот на издавање сертификат, а потоа и со лабораториска проверка и тоа на секоја произведена серија на вакцина „Фајзер“ која што се администрира во Австралија. На следниот линк може да се види дека сите досега администрирани вакцини од „Фајзер“ во Австралија, кои биле дистрибуирани во повеќе наврати на различен датум, го поминале ова тестирање и добиле сертификат. Австралија не е единствената држава која ги прави овие проверки на секоја серија на вакцини од „Фајзер“ (и секој друг производител). Истиот процес, на пример, го спроведува и Малезија.
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека отровни серии вакцини предизвикале повисока смртност кај населението, нема докази дека смртноста кај вакцинираните се покачила на 28 проценти, а уште помалку дека истата смртност е причински-последично поврзана со вакцината.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар