Анабелките од „Танц Камп Охрид 2025“ во Велес се вратија со снимен спот (видео и фото)
Објавено: 1 септември, 2025, во 07:50 часот
Во Охрид годинава се одржа јубилејното, десетто издание на „Танц Камп Охрид“, во организација на Балетско студио „Анабела“. Кампот, којшто низ годините прерасна во вистинска танцова традиција, повторно обедини млади танчари од различни градови, меѓу кои и учесници од „Урбан Кру“ од Штип и Кочани како и од Балетско студио „Магија“ од Пробиштип.
-Програмата, како и секогаш, беше исполнета со разновидни активности. Учесниците имаа можност да присуствуваат на часови по кондициски вежби, класичен балет, игри без граници, како и на стилови како модерен балет, џез денс и хип хоп. Еден од највпечатливите моменти беше изведбата на флеш моб во центарот на Охрид, на којшто учесниците, околу 100 деца, заедно ја претставија подготвената кореографија пред бројната публика, рече Цветанка Пајдакова.

Дополнително, Балетско студио „Анабела“ на годинашниот камп снимија спот со кореографија на песната „Diamonds“ од Ријана, со што младите танчари добија уникатно искуство за професионално снимање на отворено.

Покрај танцовите активности, учесниците уживаа и во посети на културни знаменитости, креативни работилници, маскенбал, избор за Мис и Мистер на кампот, како и натпревар за оригинални кореографии создадени од самите деца.


„Танц Камп Охрид“ и оваа година ја оправда својата репутација како настан кој обединува уметност, спорт и забава, поттикнува креативност и создава трајни пријателства меѓу младите љубители на танцот.
Убавка Јаневска


