Армиските специјалци добија алпинистичка опрема

Објавено на 8 мај, 2021 во 19:48
Вежба на Армиски специјалци во Демиркаписка клисура

Специјалните армиски сили добија целосно нова и  совремана алпинистичка опрема. Таа се состои од витло за спасување, алпинистички јажиња за извлекување и за заштита при искачување, алпинистички појаси, алпинистички цокули и патики, шлемови, ламби за на шлемови, пластични и метални носилки за транспорт, бургии за бушење, канџи за вкопување во карпа и други потребни делови.

Вежба на Армиски специјалци во Демиркаписка клисура

Набавката на новата опрема се случува по 25 години и чини 15 милиони денари. Парите се обезбедени од  буџетот на Министерството за одбрана.

Министерката Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски

-Опремата ќе внесе голема промена како во поглед на вежбањето така и во поглед на користењето во услови на критични ситуации.  Армијата ќе ја користи алпинистичка опрема како особено значајна за алпинистичките тимови за заштита и спасување на граѓани или припадници на Армијата во непристапен терен, рече министерката Радмила Шекеринска .

Вежба на Армиски специјалци во Демиркаписка клисура

Таа присуствуваше на промоцијата на новата опрема која ќе ја користат дел од припадниците на Баталјонот за специјални сили.

Вежба на Армиски специјалци во Демиркаписка клисура

Промоцијата се одржа на полигонот за воена алпинистика во близина на Демир Капија. На презентацијата беше изведена и воена вежба за спасување на планински и карпест врв. При прикажувањето на новата опрема  беше вклучен и воен хеликоптер за воздушна евакуација и транспорт.

– Со ова речиси целосно го заокружуваме процесот на основно опремување на Армијата. Чекор по чекор покажавме дека кога тоа е приоритет, македонската армија може да биде и вистинска НАТО армија. Ги обезбедивме целосно сите припадници и со основна униформа и чизми, меѓутоа и во исто време обезбедуваме и спортска опрема за сите припадници, гортекс одела, основно вооружување, АБХ опрема, а од денеска и оваа алпинистичка опрема, рече министерката Шекеринска.

Промоција на нова опрема на АРМ

На промоцијата на алпинистичката опрема присуствуваше и началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски.

Убавка Јаневска

Сподели: