Центар за јавно здравје Велес работи две нови микробиолошки анализи, граѓаните не е потребно да одат на скопски клиники
Испитување на присуството на хелико бактерија во желудник преку примерок од измет од кој , исто така, се анализира и присуство на крв во измет, крварење на дигестивен тракт како и карцином на дебело црево. Ова се новите анализи што веќе се работат во микробиолошката лабораторија на Центар за јавно здравје Велес.
Анализата „ Хеликобактер пилори“ дава резултати со кои се следи колкава е вредноста, поточно, присуството на хелико бактеријата во човечкото тело и тоа во желудник и во дванаесетпалачно или дебело црево. Досега јавната здравствена установа ја работеше анализата само преку утврдување на присуство но не и количините или вредностите. Анализата е на позитивна листа и за неа се плаќа само партиципација. На граѓаните потребен им е упат од матичен лекар или од специјалист.
-Центар за јавно здравје Велес овие анализи веќе ги работи за потребите на пациентите кои амбулантски се лекуваат во ЈЗУ Општа болница Велес. Има и граѓани кои се упатени од матични лекари, рече раководителката д-р Весна Николовска Неделкова, спедијалист кардиолог.
И при втората анализа, тестот за фекално окултно крварење ФОБТ, се користи примерок од измет за да се утврди крварење во дигестивниот тракт, дали има присуство на полипи, хемороиди, изгубена форма на црева, чир или рана на дебело црево како и воспаление на црева.
-Анализата овозможува резултати за потребите на скрининг на карцином на дебело црево. Оваа анализа не е на позитивната листа и таа чини 300 денари. За неа на граѓаните не им е потребен упат туку тие оставаат само лични податоци . Резултатите и за оваа како и за анализата „Хеликобактер пилори“ се добиваат во ист ден, рече д-р Анастасија Иванова специјалист микробиолог.
Двете анализи се работат откако Центар за јавно здравје Велес има на располагање нов медицински апарат „Алта“.
Убавка Јаневска