Започнаа обуките за тренинг центарот во Демир Капија!
Во Демир Капија денес започна реализацијата на втората фаза од проектот за изградба на едукативен тренинг центар за туризам кој е дел од прекуграничната соработка меѓу Грција и Македонија.
Во соработка со Стопанската комора на Флорина, демиркапијци ќе се обучуваат како полесно да стигнат до средствата од ИПАРД програмата и до средствата што Владата на РМ ги има наменето за развој на туризмот. На предавањето беше речено дека ниту еден пријавен кандидат за обука од Демир капија не е одбиен и дека сите тие ќе бидат дел од тимот за понатамошен развој како на тренинг центарот,така и на туризмот не само во општината,туку и пошироко.
Професор доктор Сашо Коруновски рече дека се што треба да стори градот е да го привлече интересот на што поголем број на транзитни туристи.
„ Ако 5 милиони туристи поминуваат овде по автопатот треба да успеете некој процент од нив да ги натерате да застанат.На нашите слушатели на обуките ќе им покажеме како нивните досегашни кариери да ги надополнат со вредностите на туризмот,што е тоа туризам и што е потребно за успех. Центарот ќе биде дел од неформално образование но на слушателите,ќе им биде признаена ваквата обука во системот,“рече Коруновски.
Според Виолета Јанкова,советник за туризам при општина Демир Капија предвидени се десет бесплатни обуки за вкупно 100 граѓани со кои ќе ги прошират своите знаења за начинот на кој би почнале сопствен бизнис,подготвување и послужување на храната и пијалаците како и други видови на домашни производи.
Исто така на обуките треба да научат и како да менаџираат и промовираат една туристичка дестинација со единствена цел за развивање на туризмот во прекуграничниот регион.
Проектот е финансиран од ЕУ, со 300 илјади евра./Б.Н.Т