Демиркапијци подготвени за пречек на гости, за празникот Голема Богородица
Цел месец се подготвуваа и на два дена пред прославата на големиот христијански празник Голема Богородица Демиркапијци велат дека годинава ќе бидат најдобри домаќини. Иако во полн е гроздоберот сепак тие не се откажуваат од подготовките на домовите бидејќи ќе им дојдат гости од сите делови на државата.
Во градот, на 27 и 28 август, се одржува традиционалниот панаѓур на кој доаѓаат бројни трговци, занаетчии и угостители од Тиквешијата но и од другите региони. Тие ги претставуваатат своите производи пред граѓаните. Два дена колку што трае прославата на овој голем верски празник улиците се претесни за домаќините и нивните гости. Петстотини метри долгата централната градска улица ќе биде окупирана од тезги и продавачи, граѓаните ќе имаат можност да шетаат, гледаат и купуваат. Забрзано се подготвуваат и угостителите и се најавуваат бројни естрадни имиња.
Во одбележувањето на овој христијански празник вклучен е и Советот на општината. Тој го организира турнирот во мал фудбал на кој се натпреваруваа спортисти од повеќе градови. Во вторник, навечер, ќе се одиграат полуфиналната и финална средба по што на победничките екипи ќе им бидат доделени наградите. Прославата на овој празник во среда ќе продолжи со посета на црквата Света Богородица каде за верниците ќе биде отслужена света божествена литургија, а за оние верници кои постеа ќе има и пречест.
Два дена колку што ќе трае традиционалниот Демиркаписки панаѓур, гостите своето слободно време можат да го искористат за посета на музејот, живописната Демиркаписка клисура, винарските визби и повеќе знаменити места се во рамките на развој на туризмот./Б.Н.Т