Се расчистува речното корито на Бошавица
Општина Демир Капија се подготвува за претстојната есен, но и за зимскиот период за заштита од поплави. Се започна со чистење на коритото на реката Бошавица.
Се отстранува вегетацијата во коритото, се расчистува наносот од песок и камења, а се врши и порамнување. Чистењето на речното корито е започнато од вливот на реката Бошавица во реката Вардар узводно во должина од 700 метри.
„Со овој зафат се расчистува речното корито со цел да се спречи страничната и длабинската ерозија на коритото но и подобар проток на водата при појава на повеќедневни поројни врнежи од дожд и од топењето на снегот“ рекоа од општината.
И оваа активност е дел од акциониот план за чистење на речните корита во земјава за да не се случи излевање на надојдените води од појава на поројни дождови и да дојде до поплава на дел од градот Демир Капија, како што беше случај од пред околу четири децении.
Тогаш беа поплавени голем број стамбени објекти, продавници, улици и други комунални објекти. Причинетата материјална штета била голема./А.Д