Висока, сува трева ги крие олеандрите на автопатот од Гевгелија до граничниот премин Богородица
Олеандрите на автопатот од Гевгелија до граничниот премин Богородица на македонско -грчката граница цветаат но се закопани во сува трева. Тревата е висока и до еден метар и ги крие преубавите цветови. Глетката со запуштени олеандри и тревнати површини се простира на десетици километри долж автопатот. Зошто не се одржуваат засадените олеандри и не се коси тревата прашавме во велешката подружница на Македонија пат, задолжена за одржување на овој дел од автопатот. Раководителот Томе Јаневски вели дека постапуваат според задолженија од Јавното претпријатие за државни патишта.
„ ЈП за државни патишта во април, годинава не задолжи да ги искосиме сите зелени појаси долж автопатот но не како претходните години со целосно отворање на четирите метри туку со ограничување , само околу еластичната ограда за да се обезбеди видливост на катадиоптрите додека останатиот дел да го оставиме. И затоа е таква глетката, делува како да е запуштено.“
Јаневски вели дека не знае дали биле во прашање пари но сега Агенцијата од Македонија пат побарала да се чисти целиот зелен појас покрај автопатот. Денеска патарите стигнале до река Зуица. Ке продолжеле и понатаму и за три дена ќе исчистеле се до граничниот премин Богородица. Тие исто така со цистерни пумпи ги ваделе олеандрите бидејки на одредени делови се украдени цевки од системот капка по капка.
„Во изминатите години се појави оштетување на системот капка по капка и тоа не беше мала работа. Пријавувавме во полиција и имаше санкции за крадците. Сега на оние делови каде што недостасуваат цевки патарите ги вадат олеандрите со возило пумпа и олеандрите редовно ги наводнуваме,“ рече Јаневски.
Од Македонија пат исто така се жалат и на несовесните патници кои наместо во поставени контејнери на местата за запирање и за одмор ѓубрето го фрлаат насекаде по автопатот. Јаневски апелира за поголема грижа и совесно однесување, со што би се подобрил впечатокот за македонската култура пред странските туристи.