На денот на ослободувањето, Демиркапијци добија зграда за едукативниот центар за обуки
Демиркапијци се обучуваат за подобро да го развиваат алтернативниот туризам, да ги промовираат традиционалните вредности, производството на храна и вино. Тоа наместо како досега во алтернативни простори од денеска ќе го прават во едукативниот тренинг центар.
Зградата, инвентарот и опремата се дел од проектот за прекугранична соработка на Македонија и Грција. Партнер на Демир Капија е грчката општина Флорина. Едукацијата досега ја поминаа угостители, сопственици на кафетерии и производители на вино и храна во осум организирани семинари во Демир Капија а два се одржаа во Флорина.
– Со нашите партнери се обидовме да го најдеме она што не поврзува а не она што не дели. Центарот ќе го реши проблемот со недостаток на човечки ресурси. Ќе овозможи создавање на регионален центар во кој ќе се едуцираат кадри и од соседните држави, рече градоначалникот Трајче Димитриев.
Центарот е отворен со пари на Европската Унија. Денеска кога Демиркапијци го одбележуваат денот на ослободувањето на градот тие на амбасадорот Аиво Орав му ја врачија највисоката општинска награда „7-ми Ноември“.
– Најискрено Ви се заблагодарувам за тоа што ме почестивте со награда. Овој центар ќе ги зголеми економската соработка, економскиот развој и животниот стандард на жителите од овој регион. Ќе овозможи истражувања на пазарите, во него ќе се пишуваат проекти за локален развој и ќе се вклучуваат винските патишта на регионот во винските патишта на Европската унија, рече амбасадорот Орав.
– Програмата за прекугранична соработка дава големи можности, кои општините треба максимално да ги искористат како што тоа го направи Демир Капија, рече државниот секретар во министерството за локална самоуправа Билјана Цветановска Гугоска.
Финансиската поддршка на ЕУ , вредна над 300 илјади евра, освен изградба на центар овозможи и едукација на граѓаните на Демир Капија. Едукативниот центар формираше фондација Ценет која исто така ќе помага во развојот на туризмот и традиционалните вредности на регионот./Б.Н.Т