Доброволните пожарникари „фрлени“ во оган
Објавено: 14 јули, 2026, во 12:19 часот
На прагот на сезоната на пожари, доброволните противпожарни друштва во Македонија повторно се соочуваат со истиот проблем: недоволна вклученост во системот и слаба материјално-техничка опременост. Сè што прават е резултат на личната пожртвуваност, ентузијазмот и хуманоста на нивните членови.
Кога огнот ќе бувне во Неготинско, Столе Милошевски и неговите колеги од Доброволното противпожарно друштво Неготино немаат луксуз да чекаат. Излегуваат на терен со она што го имаат – едно возило и многу волја. Свесни се дека секоја нивна акција не е само борба со пламенот, туку и со ограничувањата од институциите што им ги врзуваат рацете со години.
„Се бориме колку што можеме. Одиме на терен со тоа што го имаме на располагање. Ситуацијата е тешка: сакаш да спасиш и да помогнеш, да дадеш сè од себе, но со ресурсите и можностите што ги имаме – толку можеме. За среќа, досега не се случило некој да се повреди“, се потсетува Милошевски додека ни раскажува како изгледа нивното секојдневие.

Во Неготино Доброволното противпожарно друштво брои од 10 до 15 активни членови, а проблем има при регрутирање нови пожарникари доброволци. Располагаат со само едно возило, а се обидуваат да обезбедат помош преку донации од општествено одговорни компании и граѓани.
На доброволните пожарникари најчесто се потсетуваме само при поголеми пожари, кога нивните интервенции и активности спасуваат животи. Но, реалноста е дека овие здруженија не се соодветно регулирани во системот за заштита и спасување, слабо се опремени и немаат стабилно финансирање.
„Сметам дека прво треба точно и прецизно да се регулира Законот за пожарникарство, кој се однесува и на доброволните противпожарни друштва. Вториот чекор е да се обезбедат подобри услови за работа на терен, а третата клучна работа е да имаме солидни возила за шумски пожари“, додава Милошевски.
Опрема од странски донации и сопствени заложби
Овие луѓе секое лето го ризикуваат својот живот при гаснење пожари, многу често и на тешко пристапни терени. Својата борба со огнената стихија ја водат доброволно, со опрема што често е заслуга на странски донации или сопствени заложби.
Огнен, млад доброволен пожарникар во Доброволното противпожарно друштво од Свети Николе, вели дека тој и неговите колеги се вклучени бидејќи ја сакаат нивната заедница и чувствуваат одговорност во моментите кога е најпотребна помош.
„Но, доброволната работа не значи дека не ни е потребна поддршка. Напротив, за да бидеме побезбедни и поефикасни, потребни се подобри услови, опрема, обука и јасен статус на доброволните пожарникари во државата“, објаснува тој.

Огнен додава дека целото доброволно пожарникарство во Македонија и понатаму функционира на закони што не одговараат на денешните ризици и потреби.
„Доброволните пожарникари треба да имаат јасен статус во општеството, да бидат осигурени, обучени, редовно здравствено проверувани и опремени со соодветна, исправна и безбедна противпожарна опрема и возила“, вели тој.
Неговиот колега Александар Андонов вели дека доброволните противпожарни друштва не располагаат со ниту една термална камера и компресор за полнење дишни апарати, што ги прави зависни од територијалните противпожарни единици.
„Недостигот на лична заштитна опрема не е само технички проблем, туку директен ризик по животот и здравјето на доброволните пожарникари“, истакнува Андонов.
Реалната слика, според него, е дека доброволците во многу заедници ја пополнуваат празнината меѓу потребите на теренот и ограничените ресурси на институциите, но без стабилна правна и финансиска рамка, нивниот развој зависи од ентузијазмот и повремените донации.

Системот се потпира на доброволците
Во Македонија, покрај 34 територијални противпожарни единици, функционираат и 24 доброволни противпожарни друштва (ДПД), со 405 активни доброволни пожарникари. Од нив излегуваат на интервенции при пожари 321 доброволец, 236 се сертифицирани доброволни пожарникари, а сертифицираниот команден кадар во ДПД се состои од 50 лица.
„Овој податок покажува дека доброволните пожарникари не се само формален или симболичен дел од системот, туку реална оперативна сила што учествува на терен кога заедницата е најзагрозена“, стои во анализата за состојбата во секторот, изработена од ДПД Свети Николе.

Споредбата со професионалниот сектор покажува дека доброволните пожарникари претставуваат околу 30 отсто од вкупниот евидентиран човечки капацитет на пожарникарите во државата.
„Тоа значи дека системот веќе фактички се потпира на доброволците, но без доволно јасен и стабилен механизам за нивно финансирање, осигурување, обука, опремување и институционално интегрирање. Просечната старост на доброволните пожарникари е 43,06 години, бројот на жени доброволци на ниво на држава е само две, а постојат и само два сертифицирани инструктори“, се вели во анализата.

Од ДПД Свети Николе велат дека со зголемениот ризик од шумски пожари, суши и поплави, овие друштва мора да се третираат како локален капацитет за климатска адаптација и отпорност, а не само како традиционални здруженија.
„Некои луѓе не се свесни за ризикот“
За доброволните пожарникари поддршката од локалната самоуправа е важна и со неа покриваат дел од основните трошоци за функционирање на друштвото, какви што се трошоците за електрична енергија, која се пресметува по индустриска тарифа, регистрација на возилата и одржување на противпожарната станица.
Сепак, од ДПД Свети Николе велат дека реалните потреби на друштвото се значително поголеми, особено ако се има предвид дека противпожарната опрема, возилата, сервисирањето и редовното одржување претставуваат едни од најскапите, но и најнеопходни услови за безбедно и ефикасно дејствување на терен.

Затоа, голем дел од тековното функционирање, особено сервисирањето на возилата, набавката на гуми, опрема, потрошен материјал и други неопходни средства, се обезбедува и со помош на општествено одговорни компании, фирми и граѓани. Без таквата поддршка, одржувањето на оперативната подготвеност на друштвото би било многу потешко.
Некои од друштвата не се одлучуваат да се вклучат во активности за гаснење шумски пожари сè додека законски не се уреди материјата за доброволните противпожарни друштва и додека не се гарантира безбедноста на пожарникарите.
„Ако сакам моето доброволно противпожарно друштво да има професионално обучени пожарникари, тие треба да одат и да полагаат за да можат безбедно да гаснат пожари. Но, додека законот не се среди, јас мој доброволец не пуштам на терен. Ние имаме закони, но тие треба да се спроведат на дело“, вели Александар Чодамов, претседател на ДПД „Сашко Ѓешовски“ од Кавадарци.
Тој додава дека треба да се донесе мерка со која јасно ќе се утврди на кој начин пожарникарите ќе бидат заштитени во случај на повреда.
„Некои луѓе не се свесни за ризикот што го преземаме на терен. И додека сè уште е така, јас не сакам да преземаме ризик и да испраќам цивил на пожар. Ги имаме професионалните пожарникари за таа работа и колку што можеме, се бориме“, додава Чодамов.
Посебен статус
И директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов за „Локал Актив Вардар“ тврди дека ДПД претставуваат значаен партнер во системот за заштита и спасување. Со нив било договорено нивен засилен ангажман преку општините, бидејќи токму општините можат директно да ги ангажираат, без посредство на ДЗС.
„Ќе ги информираме градоначалниците дека доброволните пожарникари треба да бидат вклучени како дел од локалните сили во еден од првите одговори при пожари“, вели Ангелов.
Во однос на барањата на ДПД за поголема институционална заштита, Ангелов вели дека, иако станува збор за невладини организации, нивниот статус треба да биде подобрен.
„Заедно со неколку претставници на доброволните друштва, пред неколку месеци во Министерството за правда побаравме во новиот Закон за здруженија на граѓани и фондации да биде променет нивниот статус и да немаат статус на обични здруженија на граѓани, туку да добијат посебен статус, бидејќи тие не се обични здруженија, туку вршат општествено корисна дејност, која носи ризик. Мислам дека тие промени се прифатени и ја чекаме конечната верзија“, додава Ангелов.

Од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) велат дека нивниот фокус бил ставен на обезбедување соодветни финансиски средства за ТППЕ, а општините што имале можности, давале значителна поддршка на ДПД. Дел од сопствени средства, а дел преку различни домашни и странски проекти.
„Во услови и состојби какви што сега постојат во општините, приоритет треба да им се даде на ТППЕ за нивна посоодветна кадровска и материјална опременост. Општините не ја исклучуваат помошта од доброволните друштва, па затоа ги поддржуваат и им помагаат колку што се во можност“, велат од ЗЕЛС.
Според анализите на ЗЕЛС, 34-те територијални противпожарни единици немаат доволен број пожарникари според законската одредба, според која на 1 500 граѓани треба да има по еден пожарникар.


Илјадници хектари уништена шума
Секое лето големи шумски површини низ државата стануваат црни. Македонија ги памети шумските пожари во Малешевијата, како и пожарите во Дојранско и во Неготинско. Според службени податоци на ЈП „Национални шуми“, во 2025 година се регистрирани 178 шумски пожари, а зафатената површина била поголема од 17 500 хектари, со изгорена дрвна маса од 280 000 м³.

Во 2024 година имало 282 шумски пожари. Зафатената површина била поголема од 61 000 хектари, со повеќе од 635 000 м³ зафатена дрвна маса. Во 2023 година биле регистрирани 170 шумски пожари.
Иако се смета дека дел од шумските пожари се предизвикани за да се дојде до евтина дрвна маса, надлежните тврдат дека најголем дел од пожарите во последниве две години настанале надвор од шумите, односно на пасишта и на земјоделски површини.
„Мал е процентот на пожари што се намерно запалени за да добие некој евтина дрвна маса. Поголем дел од овие пожари, врз основа на анализата што ја работеше МВР во овие две години, настанаа како резултат на невнимание. А оние што беа намерно запалени, одредени групи граѓани ги подметнуваа за да ја стават државата на колена, сметајќи дека ние, како државен апарат, нема да можеме соодветно да се справиме со пожарите“, вели Кире Михаилов од ЈП „Национални шуми“.
Во 2024 година имало 282 шумски пожари. Зафатената површина била поголема од 61 000 хектари, со повеќе од 635 000 м³ зафатена дрвна маса. Во 2023 година биле регистрирани 170 шумски пожари.
Иако се смета дека дел од шумските пожари се предизвикани за да се дојде до евтина дрвна маса, надлежните тврдат дека најголем дел од пожарите во последниве две години настанале надвор од шумите, односно на пасишта и на земјоделски површини.
„Мал е процентот на пожари што се намерно запалени за да добие некој евтина дрвна маса. Поголем дел од овие пожари, врз основа на анализата што ја работеше МВР во овие две години, настанаа како резултат на невнимание. А оние што беа намерно запалени, одредени групи граѓани ги подметнуваа за да ја стават државата на колена, сметајќи дека ние, како државен апарат, нема да можеме соодветно да се справиме со пожарите“, вели Кире Михаилов од ЈП „Национални шуми“.
Сепак, многу од пожарите уништија вредна дрвна маса.
„На одредени места каде што имавме сериозно силни пожари, како што е Николич кај Дојран, пожарите беа толку силни што изгоре сè до почвата, па дури и микроорганизмите и тревната вегетација. Со оглед на тоа дека оваа година имаме чести врнежи, сметам дека за неколку години сите тие површини ќе бидат облечени во зелено руво. Добар дел од површините ги обработуваме: некаде ораме, а некаде ги пошумуваме со дрвни видови соодветни за тие места“, објаснува Михаилов.
Досега не бил регистриран ниту еден случај во кој површините зафатени со пожар се подготвувале за изградба на фотоволтаици или други објекти.

Директорот на ДЗС Стојанче Ангелов вели дека државата ова лето ќе настапи поподготвено во однос на справувањето со шумските пожари. За почеток, во функција ќе бидат три ер-трактори со четворица функционални пилоти, како и триесетина специјални возила.
„Имам интензивни средби со пензионирани полицајци, возачи на специјални возила, за нивен ангажман преку ДЗС. На тој начин сакаме да добиеме поголема самостојност во дејствувањето“, вели Ангелов.
Тој додава дека се работи и на воведување интегриран систем за заштита и спасување, односно на реформа на системот за управување со кризи.
Во текот на 2025 година се регистрирани 72 кривични дела „предизвикување општа опасност“, од кои 13 се против непознат сторител. Поднесени се и 472 известувања до ОЈО и едно кривично дело „предизвикување шумски пожар“, при што се преземени мерки на кривичен прогон против 59 лица.
Од МВР велат дека во периодот од 2020 до 31 мај 2026 година се преземени мерки на кривичен прогон против 206 сторители за регистрирани вкупно 247 кривични дела. Од нив, најголем дел – 243 – се за „предизвикување општа опасност“, а по две кривични дела се за „тешки дела против општата сигурност на луѓето“ и „предизвикување шумски пожар“.
Пожарите што секое лето ги пустошат шумите веќе подолг период се опомена дека треба итна промена во тоа како државата ги третира пожарникарите доброволци. И оваа сезона, со растот на температурите, токму овие луѓе ќе си ги ризикуваат своите животи стоејќи на патот на огнот околу многу македонски градови и села.
Истражувачката приказна е подготвена од граѓанско новинарски тим на Локал Актив Вардар
Кирил Михајлов, граѓански активист од ДПД Свети Николе
Мики Трајковски е новинар


