Доделени јубилејни признанија за крводарители во Кавадарци

Објавено: 19 ноември, 2025, во 14:20 часот

Јубилејни признанија за крводарители кои дарувале крв 25, 50, 75 и 100 пати беа доделени во Кавадарци од страна на Општинската организација Црвен крст. Крводарителите со 75 и 100 дарувања добија и посебни награди како признание за нивната исклучителна хуманост.

Претседателот на Црвениот крст Кавадарци, Димитар Каракулев, истакна дека организацијата веќе со години ги надминува планираните бројки за крводарување. Минатата година биле остварени 1.509 крводарувања – резултат кој е над очекувањата.

-Тоа не е само наша заслуга како општинска организација. Имаме одлична соработка со Службата за трансфузиологија и со самите крводарители, рече Каракулев, нагласувајќи ја важноста на заедничките напори.

Присутните ги поздрави и Емилија Василева Иваноска, советник во Советот на Општина Кавадарци, која во име на Советот и градоначалникот Митко Јанчев упати благодарност до крводарителите за континуираното залагање.

-Вашата несебичност спасува животи и е највисок пример за човечност. Општина Кавадарци ќе продолжи да ја унапредува соработката со Црвениот крст и заедно да реализираме проекти што го зајакнуваат јавното здравје и солидарноста во нашата заедница, порача таа.

Настанот помина во свечена атмосфера, а присутните уште еднаш ја потврдија важноста на крводарителството како неизоставен чин на хуманост и солидарност.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.