Велешките полициски службеници ставени во функција на превенција од пожари – ќе се казнува палење стрништа, сува трева и смет на ниви
Објавено: 30 јуни, 2026, во 19:14 часот
Сектор за внатрешни работи (СВР) Велес ги информира граѓаните дека во тек се теренски активности за заштита од пожари на отворен простор.
„За таа цел патролни тимови секојдневно се на терен на различни локации на подрачјето на СВР Велес. Целта на засилените контроли е да се зајакне комуникацијата и соработката со населението и да се влијае на свеста кај граѓаните за совесно и одговорно однесување, во насока на намалување на опасностите и ризиците од појава на шумски и пожари на отворен простор,“ соопштија од СВР Велес.
Оттаму додаваат дека од особена важност е граѓаните внимателно да ги извршуваат земјоделски работи за да се избегнат опасностите од предизвикување пожари од палење на меѓи, стрништа со сува трева и смет на ниви, како и навремено пријавување на било какви појави на несовесно однесување од страна на граѓани, со цел брза реакција на сите надлежни институции.
„Истовремено, ги потсетуваме граѓаните дека предизвикувањето пожари претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни поднесоци и за кое се предвидени и затворски казни,“ додаваат од СВР Велес.
Велешката полиција со апел до граѓаните: „ Бидете особено внимателни во текот на летниот период кога поради зголемените температури, расте и опасноста од предизвикување на пожари од невнимание!“.
Убавка Јаневска


