Екс директорката на училиштето „Тодор Јанев“ во Чашка, Николова, седна на обвинителна клупа во велешки суд, почетокот на рочиштето се презакажа

Објавено на 17 април, 2025 во 15:04

Со прецизирање на обвинителниот предлог од страна на јавната обвинителка Славица Темелковски пред судијата Ангел Трипчев, во Основен суд Велес, денеска, започна рочиштето  во кој обвинета е поранешната директорка на ООУ „Тодор Јанев“, Елена Николова. Неа Основното Јавно обвинителство Велес ја товари за злоупотреба на службена положба и за фалсификување исправа со невистинита содржина.

Во првиот дел на подигнатото обвинение Николова обвинета е за пречекорување на законски овластувања при распишување на Јавен повик за набавка на нафта чија што вредност го надминувала износот од предвидениот според Годишен план за јавни набавки на училиштето. Вториот дел од обвинението се однесува на распишани огласи за вработување, поконкретно за работно место Секретар во училиштето, за кое што севкупно потребна документација од надлежни институции обезбедена била на начин на двојно заверување според Систематизацијата на работни места во општинското основно училиште.

-Според обвинението, двојно заверуваната документација е наменски правена со цел избраниот кандидат за Сметководител да биде подобен да ги исполни условите. Тоа во постапка што е подоцна водена утврдено е од инспекторатите, посебно од Државен управен инспекторат, дека станува збор за различна исправа којашто била поднесувана до сите надлежни институции. Откако беше прецизиран обвинителниот предлог, согласно закон, одбраната на обвинетата, побара дополнително време за да го проучи обвинението што најверојатно произлегува од денеска даденото полномоштво од страна на обвинетата на нејзиниот бранител кој нема извршено увид во службените списи на судот за да може да ја проучи целата документација и да ја подготви одбрана, рече полномошникот на оштетеното училиште, адвокат Петре Георгиевски.

Исто така денешното рочиште беше одложено и поради тоа што предметот не бил кај обвинителката Темелковски, како што соопшти во судницата, туку се наоѓал на одлучување по жалба на преостанати со него опфатени лица пред Вишо јавно обвинителство.

Почетокот на рочиштето, во кое се споени пет кривични пријави поточно од Совет на родители, од загрижени граѓани, од Државен управен инспекторат, од Трудов инспекторат и од Сектор за внатрешни работи Велес, презакажано е за 27 мај, годинава.

Поранешната директорка Елена Николова на јавноста и стана позната по обидот да овозможи образование на ученици на мајчин, албански јазик во ООУ „Тодор Јанев“ во Чашка, кои живеат во населени места што во оваа општина се оддалечени на поголемо растојание од законско пропишаното. Тоа предизвика револт кај останатите родители на учениците што ја следат наставата на мајчин, македонски јазик кои се спротивставија со тоа што во учебната 2023/24 година одлучија да ја бојкотираат наставата во првото полугодие и организираа блокади како и протестни собири во населба Чашка.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.