(Фото) Средношколци на велешки Интернат од лични средства подготвија и донираа новогодишни пакетчиња на болни деца
Прво ја осмислија инцијативата, потоа секој ученик сместен во Општинскиот средношколски интернат „Лазар Лазаровски“ донираше финансиски средства од коишто се направи набавка на потребни производи, па се се спакува во новогодишни пакетчиња за денеска да ги поделат на дечињата што болнички се лекуваат на Детско одделение во ЈЗУ Општа болница Велес.
Поддржани од нивните наставници средношколците кои престојуваат во велешки Интернат рекоа дека ја оствариле целта. Ја добија очекуваната награда, поточно, насмевка на лицата на дечињата кои се на лекување.
И оваа иницијатива е дел од проектот „Од дете за дете“ со кој што тежнееме да ги вратиме човечките вредности како што се емпатија и хуманост.
-Ми причинува особена чест што од млади луѓе кои ги користат услугите на средношколскиот интернат во Велес се иницираат вакви иницијативи. Што тие волонтерски ги реализираат и што се поддржани од воспитувачите како и од сите останати вработени во институцијата. Мислам дека солидарноста којашто ја покажуваат средношколците е за секоја почит. Таа е резултат и на бројни разговори што воспитувачите ги водат со нив. И воопшто не е значајно дали се учествува со симболични средства за да се реализира иницијативата туку дека за таа да биде успешна придонес дава секој од нашата интернатска заедница. Така функционираме и горди сме на се што средношколците подготвуваат во слободното време. Им благодарам што на дело ги покажуваат нивните хумани вредности, рече директорот Марјанчо Јорданов.
Интернатските средношколци во текот на утрешниот ден подготвени новогодишни пакетчиња ќе им поделат и на децата во Дневен центар на деца со попречености.
Убавка Јаневска