Градоначалник Шаќиров: Надминување на предрасудата Градоначалник – Албанец и обезбедување комунална и патна инфраструктура на сите граѓани во Општина Чашка

Објавено: 12 јануари, 2026, во 16:26 часот

Изградба на патишта, водоводни и канализациони мрежи до и во населените места како и започнување со реализација на наследените проекти, меѓу нив капиталниот објект – Дом на култура во населба Чашка, приоритети се за 2026 година на новиот Градоначалник Суат Шаќиров. Меѓу нив, Шаќиров, сепак ја сврсти и предрасудата Градоначалник – Албанец за која рече дека ќе ја докаже нејзината неоснованост токму преку донесените Програми за работа во 2026 година од страна на Совет на Општината, кои содржат подеднаква застапеност на граѓански приоритети во населените места без верска, етничка или друг вид на припадност.

-Од почетокот на моето стапување на должност Градоначалник, со општинската администрација, работиме на подготовка на нови и на доработка на започнати Основни проекти со техничка документација кои се однесуваат на обезбедување со вода, канализациски мрежи и патишта на граѓани во населени места на општината, која по територија е една од поголемите во државата. Од 10 проекти со врвен приоритет, ќе ги спомнам Долно Врановци, каде живеат 150 граѓани, претежно сточари и имаат потреба од вода за пиење а потребен им е пат. Исто така за граѓаните во Папрадиште врвен приоритет е доизградбата на патот до нивното населено место. Тоа е наследен проект, почетокот поврзан е со повторување на избор на економски оператор, на што сме максимално посветени, за да се доградат 1,8 километри од овој како и 3 километри од патот до Ораов Дол. Ќе ги спомнам проектните  документи за доизградба на патната инфраструктура до населените места Крајници, Крива Круша и Ново Село, рече градоначалникот Шаќиров.

Тој исто така додаде дека со администрацијата работат и на отстранување на недостатоците околу изборот на економски оператори за започнување со реализиација на наследените проекти какви што се изградбата на капиталниот објект  – Дом на култура во населба Чашка и за детска градинка во населено место Мелница.

-При крај сме со Основен проект за изградба на училишна зграда на деветолетка во населено место Отиштино. Жалам што е избрано такво решение на проблемот со образованието на децата затоа што 15 деца ќе мораат да учат во тамошниот училишен објект а 13 во зградата на ООУ „Тодор Јанев“ во населба Чашка. Што сме направиле? Поделба на децата, на нашата иднина. Но јас ќе ја почитувам таа одлука иако мислам дека не сме направиле добро затоа што ќе градиме нов покрај постоечкиот училишен објект а и двете згради засега ќе се празни или полупразни. Сепак од мене како Градоначалник и од страна на општината, навреме ќе биде дозавршена проектната документација додека реализацијата сепак ќе зависи од Министерство за образование кое ги обезбедува финансиските средства за изградба на училишни згради, додаде Шаќиров.

За Градоначалникот, исто така, приоритетни се изградбите на канализациските мрежи во населените места Бањица, Отиштино и во уште неколку други како и изградбата на улици во скоро сите населени места на територијата на општината.

-Најважно ми е да го задржиме епитетот на мултиетничка локална заедница за каква важи Општина Чашка, гледано децении наназад, од самото нејзино формирање, без разлика дали градоначалникот е Македонец или Албанец. Мислам дека во изминатиот краток временски период започнав да докажувам дека секаде каде што беше потребно имаше навремена интервенција за отстранување на дефект или друг вид на услуга која што на граѓаните им беше потребна од општинската администрација или од вработените во комуналното претпријатие, сервиси услуги и слично. Така продолжуваме со работа и понатаму, додаде Шаќиров.

Градоначалникот ги повика граѓаните на општината да го користат правото на директни средби кои од наредната недела ќе ги реализира секој вторник од 10:00 до 14:00 часот во зграда на Општина Чашка.

Убавка Јаневска  

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.