(Обновено) Хорор на патот Градско-Скопје: неколку возила прегазиле пешак!
Демир Папоски (51) од Прилеп со привремено живеалиште во Градско го загубил животот синоќа на автопатот Градско-Скопје кај наплатната рампа.
Во него удрил несовесен возач кој наместо да му пруже помош побегнал од местото на несреќата.
Трагедијата да биде уште поголема врз мртвото тело на Демир поминале уште неколку возила кои сообраќале на овој патен правец. Поради мракот возачите не го забележале мртвото тело и несреќниот пешак бил повеќе пати прегазен.
Паповски загинал откако си купил кутија цигари, од бензиската пумпа, од спротивната страна на автопатот. Тој дошол околу 21 часот и заминал по краток разговор со продавачот. Носејќи ја во раце кутијата цигари заминал кон кобното место кое се наоѓа на оддалеченост од дваесеттина метри од дупката на заштитната ограда на автопатот.
– Многу луѓе доаѓаат од Градско по истата патека, претежно ноќе, купуваат цигари, кондиторски производи или освежителни пијалоци и заминуваат. Папоски синоќа купил цигари. Продавачот на пумпата не видел кој го удрил но слушнал кога возачи кои ги запреле возилата побарале да се викне брза помош и полиција, рече шефот на бензиската пумпа Стојан Дафинчевски.
Дамки од крв на коловозот од автопатот и денеска сведочат за трагедијата на Папоски. Тие се наоѓаат на оддалеченост од дваесеттина метри од местото каде оградата на автопатот е исечена и може да се мине. Дупката е голема.
Синоќа таму увид направиле полицијата истражен судија и јавен обвинител. Денеска тие имаат информации за можниот возач кој го управувал возилото со кое бил удрен Папоски.
– Располагаме со информации, можни учесници во сообраќајката се на распит кај истражниот судија. Правиме и други оперативни проверки, рече инспекторот за сообраќај на СВР Велес Марјан Арсов.
Истрагата за несреќата, во која загина сточарот од Прилеп кој летово дошол на работа во Градско, е во тек/А.Д – Б.Н