Лице со посебни потреби без здравствени картони пред породување
Дваесет и седум годишната Лиле Најдова од Градско треба да се породи а нема здравствени картони. Таа незнае дали газдата на фирмата во која работела и платил здравствено осигурување. Со него ги влошила односите кога во март, годинава, му соопштила дека е бремена и побарала да и даде работа која ќе може да ја работи седејќи бидејќи има висок притисок, постојани отоци на нозете и аритмија. Но наместо да ја разбере газдата на работилницата во Кавадарци во која работат инвалиди ја отпуштил од работа.
– Лиле е лице со посебни потреби. Се вработи според програма на државата која за неа на газдата му плаќа пари. Ја изгуби работата штом соопшти дека е бремена и побара пакувањето на пелени да го работи седејќи. Тогаш, започнаа нашите маки. Побаравме помош од трудовата инспекција и народниот правобранител. Тие ни излегоа во пресрет и му наложија на сопственикот на фирмата во Кавадарци да ја врати на работа. Но тоа до ден денес не се случи. Лиле не е одјавена од фирмата ама нема здравствено осигурување, не ги доби последните три пати а не е вратена на работа, рече Живка Најдова.
Таа е мајка на Лиле и единствена што работи во семејството во кое не е вработен ниту сопругот на нејзината ќерка. Живка се грижи за своето дете, го носела на редовни гинеколошки прегледи кај матичниот лекар и досега ја купувала терапијата. Таа вели дека сега веќе неможе да го прави тоа бидејќи останала без пари.
– Воопшто не е лесно да се грижиш за лице со посебни потреби. Јас морам постојано да бидам покрај неа. Не и беше лесна бременоста а уште потешко е сега кога во деветиот месец треба да ја подготвам за породувањето. Прво незнам каде да ја однесам, во која болница. Бевме во велешката и таму гинекологот со кој разговаравме ми рече дека пред и за време на породувањето треба да има психолог. Тие тоа го немале па ме посоветуваа да ја однесам Лиле во Скопје на Клиника за гинекологија и акушерство. А како да ја носам кога знам дека без картони ќе треба да платиме на приватно. Јас немам пари. Второ, ништо не можам да купам за моето внуче ни пелени ниту шпикозни. Да не зборуваме за креветче, коритце и други работи, рече Живка.
Лиле се плаши од породувањето и вели дека наместо по природен пат сака царски рез. Се пожали дека деновиве имала чести болки. Тие биле кратки.
– Незнам како ќе се снајдеме ако добие породилни болки. Каде да ја носам и од кого да барам помош. Затоа помислив дека треба да го замолам министерот за здравство да ми помогне и државата да и помогне да се породи без да и наплати. Исто така и министерот за труд и социјала. Еве уште еднаш го молам сопственикот на фирмата во која Лиле работеше да и ги исплати трите заостанати плати бидејќи парите ни требаат, мораме да купиме облека за бебето, рече Живка.
Неа подеднакво и тежат долговите во аптеката од каде во последните месеци ја купувале терапијата која Лиле ја земала во бременоста и грижата како сега да го реши породувањето со царски рез за да се роди бебето./Б.Н