Жител на Градско тврди дека е жртва на измама од работодавец
Изет Шкријељ од Градско се соочува со судска пресуда и услова казна затвор од три месеци. Ваква одлука донел Oсновниот суд во Велес откако Изет пред три години, отишол во Фондот за здравствено осигурување да пријави дека нема остварено дополнителен приход за 2011 година за да може тој и неговото семејство да добијат бесплатни сини картони. Тој се изненадил кога на почетокот на октомври, годинава, курирот му ја донел пресудата иако претходно воопшто не бил повикан во судот. Во пресудата стои дека Изет е осуден за кривично дело употреба на исправа со невистинита содржина.
Според пресудата тој во 2011 година остварил лични примања во износ од 1.095 333 денари. Изет претпоставува дека овие пари се на сопственикот на фирмата во која тој работел во спорната година.
„Измамен сум од газдата, кај кого работев осум месеци. Јас не знаев што се случува бидејќи тој само ќе дојдеше со мене во банка и ќе ми речеше да подигнам пари од мојата сметка. Од сумата пари мене ми дадеше колку што ми беше платата а другите тој си ги земаше. Тоа беа отприлика по дваесет, триесет илјади денари одеднаш, рече Изет.
Од подрачната единица на ФЗОМ во Велес велат дека овој човек мора на суд да докаже дека бил измамен и само тогаш законски може да се изземе одговорноста од него.
Изет веќе не верува дека би го пронашол газдата кој се исселил од Македонија во Германија и единствено се надева дека неговата приказна ќе ја прочитаат добронамерни луѓе на кои им требаат работници а Изет ќе најде работа за да го прехрани семејството во кое со сопругата имаат три малолетни деца. Шкријељ поради пресудата ја изгубиле и социјалната парична помош./Д.С