Патнички и товарни возови, денеска, минат по мостот на Црна Река
Утринскиот патнички и два товарни возови, кои сообраќаат кон Гевгелија, денеска веќе поминаа по мостот на Црна Река. Таму, на тој дел од делницата на железничката линија минуваат со 20 км/час. Нормализирањето на сообраќајот следи по четириесетдневната поправка на носечкиот столб на мостот и по пресметаната загуба на ЈП „Македонски железници“ од речиси еден милион и 360 илјади евра.
Вчера доцна попладне кога помина првата локомотива тешка 120 тони професорот по бетонски мостови на Градежен факултет Скопје, Горан Марковски констатираше дека мостот е безбеден за патнички и товарни композиции.
– Резултатите се одлични и се совпаѓаат со пресметките што претходно ги имавме, рече Марковски.
Прашан дали реконструкцијата нуди трајно решение за четириесет и осум години стариот мост, Марковски одговори:
-Сметаме дека оваа санација што е направена сега за тие елементи на мостот може да премине во трајно решение за мостот. За попрециен одговор мора да се направат подетални истраги на целата конструкција, рече Марковски.
Помошник директорот за пруги во МЖ, Владимир Трајковски, најави уште контроли и мерења до целосната гаранција за стабилноста, сигурноста и безбедноста на мостот..
-За почеток по мостот ќе се вози со намалена брзина од 20 км на час. Ќе вршиме контроли и мерења и доколку констатираме дека нема проблеми во однос на состојбата на мостот предвидуваме да го пуштиме сообраќајот нормално да се одвива на овој дел на пругата, рече Трајковски.
Железничката пруга Скопје – Гевгелија е дел од Коридорот 10 преку кој солунското пристаниште е поврзано со Европа. Мостот на Црна Река попушти на 29 септември, годинава кога машиновозач додека управуваше со композиција ја забележа пукнатината во носечкиот столб. /У.Ј