Јорданов: „Винскиот замок“ наредна инвестиција во винарија „Стоби“, до крајот на годината
Производството на квалитетни вина, од сите сорти, со цена достапна или фер за потрошувачите се покажа како одлична стратегија на винарската визба „Стоби“ ако се има во предвид ланскиот резултат од извезени над еден милион вина, во шишиња. И годинешните предвидувања на винаријата во Градско се исти, да продолжат со пласманот на висококвалитетно вино на пазарите во САД, Русија и Украина откако се препознатлив бренд на просторите на поранешна Југославија.
Винаријата го потврдува високиот квалитет на македонските вина во Србија, Хрватска, Босна и Црна Гора како главни пазари дури и поголеми од домашниот. Сопственикот, Минчо Јорданов за Дума .мк вели дека не се откажал туку Винскиот замок планира да го гради во комплексот на винаријата за која домашни и странски туристи велат дека е спој на традицијата и модерното.
– Максимално се вложуваме во навремената и стручна обработка на лозовите насади, кои сигурно се забележуваат кога се доаѓа во винаријата. Тие се распослани на неколку ритчиња во најубавиот македонски предел за производство на вино и ракија. Општата економска криза не задржа во делот на инвестирањето и проширувањето на овој комплекс ,на влезот на Градско. Јас сметам дека по овие први знаци, кои доаѓаат и говорат за опоравување, до крајот на оваа или на почетокот на наредната година ќе влеземе во инвестицијата која ќе ни овозможи да го до заокружиме овој комплекс во кој ги запознаваме туристите со македонските вина преку вината на Стоби. Значи ќе донесеме туристи кој освен што ќе уживаат во нашите вина, ќе ги видат нашите лозја,само на едно место над сто хектари, ќе го посетат археолошкиот локалитет кој се наоѓа во непосредна близина на винаријата, рече Јорданов.
Лани винаријата ја посетија над 60 автобуси со туристи од просторите на бивша Југославија . Тие ги дегустираа македонските вина од ова виногорје и се веродостоен показател дека успешната приказна за квалитетот се шири на се поголеми територии надвор од државата. Јорданов очекува дека годинава винарницата ќе ја посетат туристи од повеќе европски држави. Таа цел е поставена за годинава.
Таму, во салата за дегустација веднаш над Барик одделот или во ресторанскиот дел, се е поддредено на очекувањата на туристите. Тие можат да го почувствуваат и вкусот на убавото Галичко сирење и кашкавал. Произведени се во малата Мандра во Галичник и во погонот, изграден со пари од програмата ИПАРД за производство на млечни производи, во Градско.
– Се одлучивме на производство на две места бидејќи ние го имаме најверојатно најголемото стадо од 10 илјади овци во Македонија. Во мандрата во Галичник го произведуваме најубавиот кашкавал, прочуениот Галички кашкавал додека овде во млекарницата во овој комплекс се произведува овчото сирење. И двата производи се подготвуваат исклучиво од овчко млеко без никакви додатоци. Мислам дека тоа е предност и секако гаранција за квалитетот на нашите производи. Ке продолжиме со експанзијата. Овој погон е направен за да може сегашното дневно производство од 5 илјади да го зголеми на 10 илјади литри млеко што впрочем беше наша цел кога ја започнавме инвестицијата, рече Јорданов./Б.Н