Изборните ветувања да се преточат во „Зелен Велес“
Јавна трибина на тема „Заеднички заложби за трансформативни практики кон зелена и просперитетна општина“ организирана од Фондација „Импакт Нет“, беше одржана денеска во големата сала на Општина Велес. Присутните граѓани, од кои најголем број ученици, говореа за сопствената „зелена визија“ за својот град поточно потребите од што поголем број на зелени јавни површини, изградени велосипедски патеки, посовремен јавен транспорт како и за помало загадување и рециклирање на отпад.
Претседателот на Фондацијата, воедно и координатор, на проектот „Зелена мапа за зелена заедница“, Стевче Дечев, рече дека нашата општина е пример за зелена револуција, којашто на Велес му се случи пред 13 години, кога градот се ослободи од најголемиот загадувач, поранешната Топилница за олово и цинк. Денешниот настан има за цел да биде директна спојка помеѓу младите, граѓански сектор, политичките партии како и програмите на општина Велес. И за заштита на животната средина и за поттик на што поголем број на активности преку кои градот ќе биде препознатлив по зелена и здрава животна средина.
-Потребно е предизборните ветувања на политичарите, советници, државни и локални власти, да се исполнат бидејќи Македонија е на потписник на „Зелениот договор“ на Европската Унија, со тоа и на „Зелената агенда“ на Западен Балкан. Значи ветеното да се преточи во дела. Овие два документи одредуваат каде треба побрзо да се движиме во поглед на имплементацијата на програмите за заштита на животна средина како и за трансформација на општините во „зелени“. Ние правиме спој на дигиталните иновации и искуството на младите во поглед на заштита, попис на зеленило и подготовка на „Зелен катастер“. Во исто време промовираме дигитална апликација чијашто доработка ќе следи. На едно место ги собравме локалните фактори и политички субјекти за да го кажат својот став, да ја слуѓнат визија на младите кои очекуваат политичките ветувања да се реализираат. Ние веруваме дека на овој начин Велес може да стане вистинска „Зелена заедница“, додаде Дечев.
Тој исто така, ги охрабри млади да бидат упорни во реализацијата на дадените ветувања од страна на политичарите. Како на локално така и на национално ниво.
Инаку реализираната трибина е дел од проект на Фонацијата „Имакт Нет“ со наслов „Зелена мапа за зелена заедница“ финансиски поддржан од Владата на Швајцарија и имплементиран од Меѓународната Фондација за изборни системи ИФЕС.
Стефани Манева