Јанев: И покрај симболиката на манифестацијата, започна праскоберот во Росоман

Покрај годинешниот мал род на праски во Росоман, во саботата, 19 јуни, на симболичен начин со откинување на првите праски, се одржа манифестацијата „Духовден фест – праскобер 2021“ во Росоман. Градоначалникот Бранко Јанев, со гостите од соседна Србија од општината Пландиште, ги набраа првите праски од видот сприг крес на насадите што и покрај лошите временски услови во месец април, годинава, дадоа род. Овој вид на праски, сприг крес, се најзастапени во Росоман, како македонски центар препознатлив по одгледување на овој вид на овошје.



Манифестацијата годинава, имаше и културни и спортски содржини. Посетителите особено беа мотивирани да ги проследат спортските натпревари во мал фудбал, што се случуваа на спортските терени во ООУ „Петре Тошев“. Таму своите сили ги одмерија фудбалерите на Росоман и на општина Пландиште.

-Тоа беше пријателски натпревар, што на крајот заврши со заедничка фотографија. Спортските натрепвари имаа за цел да го зајакнат пријателството помеѓу збратимените општини и на тој начин да придонесат за создавање на нераскинливи врски помеѓу граѓаните од Македонија и од соседна Србија, рече градоначалникот на Општина Росоман, Бранко Јанев.


За разлика од минатите 15 години, кога манифестацијата беше организирана со бројни активности во кои доминираше бербата, годинава, за жал, беше испочитуван традиционалниот дух и симболиката. Тоа е последица на уништените насади од невремето од пред три месеци, за што во општината има поднесено 650 барања за надомест на штета по основ на елементарна непогода од страна на физички лица и две фирми, „Гоце Делчев“ и „Душан Кириќ“.
Гостите од соседна Србија, не го криеа задоволството што присуствуваа на манифестацијата на која што, поради пандемијата предизвикана од коронавирусот, не присуствуваа преставници на збратимените градови од Турција и Романија.
Убавка Јаневска
