Јорданова, Џипунова-Ташова и Николовска најдобри наставнички, Талевски и Коциќ годинава најдобри ученици во Општина Велес
Објавено: 22 мај, 2026, во 15:02 часот
Најдобар наставник по одделенска настава во Општина Велес годинава е Андријана Јорданова од ООУ„Блаже Конески“ додека најдобар наставник по предметна настава е Бојанка Џипунова-Ташова од ООУ „Васил Главинов“. Наградата за најдобар наставник од средните училишта во Општина Велес ја доби Елизабета Николовска од СОУ „Гимназија Кочо Рацин“.

Во пресрет на Денот на сесловенските просветители, Свети Кирил и Методиј, општината за најдобри прогласи и ученици од основните и од средните училишта. Наградата за најдобар ученик во општинските основни училишта во 2026 година ја доби Марија Талевски, ученичка во VIII одделение на ООУ „Блаже Конески“ и за најдобар ученик во средното образование Лука Коциќ, ученик во I година na ССОУ „Димитрија Чуповски“.

Градоначалникот Марко Колев, наградите им ги врачи на свечена Академија, со која денеска општината го одбележа претстојниот празник, 24 Мај – Денот на сесловенските просветители и учители Свети Кирил и Методиј.

„Општина Велес традиционално и оваа година се обедини околу изборот на најдобрите ученици и просветни работници во пресрет на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј. Од мое лично име и од име на Советот на Општина Велес им честитам на најдобрите“, истакна градоначалникот Колев.

Во чест на наградените музички настап имаше училишниот бенд на ООУ „Блаже Конески“ под менторство на наставникот Петар Марковски.
Убавка Јаневска
Фото: Општина Велес


