Диви прасиња се одомаќинија во кавадаречко!
Единаесет диви прасиња во Кумничево и исто толку на ловиштето 4 во Мрежичко се пуштени како подмладок од страна на ловното друштво „Тиквеш„.
Населувањето со млад дивеч е обврска што според законот ја има концесионерот. Оваа акција произлегува од развојните програми на друштвото, а ја надгледуваше државниот инспектор за шумарство и лов Љубица Георгиева. Нејзина задача е да даде оценка за дивечот и да следи дали друштвото постапува според законот. Според прописите, ловните друштва во Македонија се обврзани освен на ловиштата со крупен дивеч да пуштат подмладок и на ловиштата каде живее ситен дивеч. Иако таму акцијата ќе треба да се реализира наредниот месец подготовките се започнати.
“ Во моментов правиме проценка и ги лоцираме терените на кои ќе треба да пуштиме подмладок на фазани. Обврската ќе ја извршиме онаму каде ќе бидат најповолни условите“ , рекоа од најстарото ловно друштво во Кавадарци. Тоде Пановски објасни дека дивите прасиња кои се населени во ловиштето Мрежичко се набавени од догледувачница во скопско Трубарево. Таму дивите животни го поминале периодот на адаптација која траела една седмица.
“Нема причина акцијата да не биде успешна бидејќи ловочуварската служба неколку дена ќе биде на терен и нема да дозволи истите да бидат отстерелани“,рече Пановски.
„Тиквеш“ веќе започна со превентивна акција за заштита на домашните свињи контролирајќи ги дивите. Агенцијата за ветеринарство им помогнала со едукација.
Во Кавадарци секој ловџија кој поседува дозвола за лов, добива и соодветна чаша за крв од дивата свиња, ќеса за слезина,крајници, бубрег или дијафрагма како и едукативен флаер. Ловџиите, крвта и внатрешните органи, мораат да ги предадат во ловното друштво од каде ги препраќаат на понатамошни испитувања.