Сладокусци ги дегустираа вината на Винарската визба Тиквеш !
“Тиквеш“ ги отвори бочвите како што налага традицијата. Третата недела во ноември е период кога се оценува потенцијалот на младото вино.
Винаријата им даде екслузивна можност на дипломатите и бизнис заедницата во земјава да го дегустираат и оценат виното произведено од годинашнава реколта на грозје. Им ги понуди “ѕвездите на годината“, како што ги нарекоа вината од сортите темјаника,вранец, шардоне и мерло. Токму овие вина ќе бидат нивните адути за проширување на пазарите и зајакнување на позициите на постојните.
Фестивалот на младо вино се одржува трета година по ред, а има за цел да ја подигне винската култура во земјава.
“Градењето на винската култура е предуслов за создавање на силни вински брендови и нивно позиционирање на странскиот и домашниот пазар. Преку Фестивалот на младо вино се збогатува винската култура и се промовира значењето на процесот на создавање на врвен бренд во насока на популаризирање и подигнување на стандардите во македонската винска индустрија. Тиквеш како најголема винарија и понатаму ќе дава значаен придонес во овој процес“ рече Игор Илиевски, генерален директор на “Тиквеш“.
По успешниот настап на американскиот пазар од винаријата информираа дека интензивно работат на пробивање на нови пазари. Според податоците од изминативе 9 месеци бележат зголемен извоз од 33%. Годинава визбата откупила 17 милиони килограми винско грозје од кое ќе произведат 12 милиони литри вино.
Александара Ристова и Никола Кузмановски се дел од енолошкиот тим на винаријата. Велат дека младите вина се извонредни за пиење.
“Основна карактеристикана младото вино е пред се свежината, изразените аромати и минералот во одредени вина. Црвените вина се меки вина, полни и структурни. Имаат потенцијал да одлежат во буре и да го дадт резултатот со кој се докажавме и во светски рамки.“