Намален преливот на вода во Тиквешко!
Се намалува преливот на вода во преливната шахта на вештачката акомулација Тиквешко Езеро, а Водостопанство Тиквеш интензивно ја следи состојбата со нивото на водата.
„Преливот се намалува и сега изнесува триесетина метри кубни вода во секунда. Ударниот бран помина. Сепак и понатаму станува збор за голема количина на вода. Очекуваме утре задутре ситуацијата целосно да се нормализира. Сепак ние и понатаму будно ја следиме ситуацијата и интервенираме таму каде што е потребно. Веќе интервениравме кај бунарите за вода во росоманско кои што беа загрозени“ рече техничкиот директор во Водостопанство “Тиквеш“, Илија Темелковски.
Во изминативе неколку дена поради обилните врнежи од дожд значително се зголеми нивото на водата во езерото поради што дојде и до прелив. Првиот ден преливот беше девет метри кубни вода во секунда, а по обилниот дожд во неделата се зголеми на 40 метри кубни вода во секунда.
Поради зголеменото ниво на водата се излеа и реката Црна. Поплави дел од земјоделски површини кои се во непосредба близина на коритото. /А.Д