Реконструкцијата на каналската мрежа им го ремети производството!
Високите температури ја зголемија потребата од наводнување на земјоделските култури. Иако сезоната за наводнување започна голем број земјоделци од кавадаречко се жалат дека Водостопанство Тиквеш не им обезбедувало вода. Тие кажуваат дека требало да садат тутун и компири, а вода немало. За проблемот се обратиле и до Водостопанство, но таму не сакале да ги примат на разговор.
„ Веќе ми е направена штета од околу 3.000 евра. Го обезбедив семето, треба да ги посадам компирите, а вода нема и се ќе пропадне. Не ми е јасно кој ќе ми плати мене и на останатите за штетите што ги имаме. Треба да наводнуваме, а вода нема. Има многу мои соседи овде на нивите кои сакаат да садат тутун, но поради немање на вода, тие го пролонгираат садењето. Приморани сме да да носиме вода во кофи“ рече Ќиро Трајков земјоделец од селото Ваташа, чија површина се наоѓа под каналот к1 кај моклишката брана.
Водокорисниците се лути што водостопанското претпријатие сега ги чистело каналите, наместо таа обврска да била завршена пред почетокот на полевната сезона.
Од Водостопанство Тиквеш ги отфрлаат обвинувањата. Директорот Љубе Димов, тврди дека секој што побарал прием бил примен на разговор. Водокорисниците од моклишко биле информирани дека се чистеле каналите и дека се работело на хидросистемот Бошава, каде ќе се постават мини хидроцентрали. Тој вели дека не било сватливо да не им даваат вода на водокорисниците кога претпријатието постоело за нив и дека секоја година вода во тој дел се пуштала покасно.
„Од 15 мај ќе пуштиме вода во каналот, а веќе од 1 јуни во функција ќе бидат и пумпните станици. Доколку некој сака да сади тутун треба прво да поднесе барање, па да изнајдеме начин за да им обзбедиме вода. Нема пристигнато ниту едно такво барање. “ рече Димов./ A.Д