Се враќа детскиот џагор во „Михајлово“!
Интензивно се реновира одморалиште Михајлово со цел да се наполни со летувалци во летната сезона. Веднаш откако го купија ова познато детско одморалиште, новите сопственици ги започнаа градежните активности и тие веќе се во завршна фаза.
Раководителот, Љупче Глигоров информира дека ова лето вратите на „Михајлово“ ќе бидат ширум отворени за децата и повторно детскиот џагор ќе биде присутен во ова одморалиште кое со години беше оставено на забот на времето.
„Одморалиштето „Михајлово“ согласно својата програма за работа оваа година ќе организира летување во 9 смени. Во понудата која веќе е достапна за јавноста може да се видат условите кои ние ги нудиме. Накратко за сите оние кои сеуште не ја добиле, се работи за понуда која вклучува 8 полни пансиони со три оброка и ужина во реновиран и со ХАСАП стандардизиран ресторан, престој во целосно реновирани соби со комплетно нов ентериер, 24 часовна здравствена заштита од доктори специјалисти како и присуство на дежурно амбулантно возило, безжична интернет конекција, излети по планининските патеки, како и организирање на културно-забавни, спортски и едукативни активности. При креирањето на понудата внимавме и на финансискиот момент, па истата ќе чини само 5500 денари, кои може да се платат на шест месечни рати, со што сакаме да им овозможиме на сите родители да им обезбедат убав летен одмор на своите деца“ – рече Глигоров.
Тој нагласи дека веќе бил дефиниран и распоредот на смените за ученици кои започуваат на 15 јуни и ќе траат се до 26 август.
Одморалиштето сега нуди и новина во делот на сместувачки капацитет. Ќе биде приспособено за хотелско сместување, односно ќе бидат понудени хотелски услови за сите оние кои сакаат во текот на годината да уживаат во убавините на Кожуф планина, а ресторанот ќе биде отворен секој ден за сите гости и туристи./ А.Д