Аризанов: „Не треба да ги труеме граѓаните со токсични земјоделски производи“!
Првиот лозар, Љупчо Аризанов денеска на прес конференција искажа солидарност кон својот колега од струмичкото здружение на земјоделци, по најавите дека ќе добие тужба за клевета од претседателот на СДСМ Зоран Заев.
Смета дека Заев покажувал политчка моќ и им се заканувал на земјоделците кои реагирале поради штетите кои ги трпи земјава од токсичните краставички кои беа вратени од извоз. Аризанов нагалси дека фирмата која ги произвела краставиците со зголемено присуство на пестициди нанеле голема штета по земјоделството но и по државата.
Тој апелираше до земјоделските производители да ја почитуваат каренцата која е задолжителна за секој производител, односно да не продаваат земјоделски производи кои се третирани со хемиски средства за заштита непосредно пред берба.
На прашањето, дали согласно законот, на лозарите надлежна служба им дели совети кога и со што треба да извршат прскање Аризанов одговори дека не знае дали постои таква служба. Кажа дека тие се оставени сами на себе и прскаат по сопствени убедувања и договарања.
„Може да постои служба, јас не знам. Не се случило до сега некој да не советува кога и како да прскаме. Работиме стихијно. Сами се консултираме и донесуваме одлуки за прскање. Би требало да постои таква служба и да се следи молец, пепелница, пламеница. Не би требало, туку за напред мора да има таква служба. Земјоделецот се изложува на големи трошкови , а на крајот нема никаков ефект поради тоа што прскал несоодветно во несоодветно време“ рече лидерот на кавадаречките лозари./А.Д
