Макрадули: Одлуката на неготинци на референдум за депонијата ќе се почитува
Ако неготинци на референдум се изјаснат против депонија ќе се почитува нивната одлука – рече денеска во Кавадарци заменик министерот за животна средина Јани Макрадули. Нагласи дека предметот околу депонијата се разгледува и од државното правобранителство.
Тој се сретна со дел од советниците во кавадаречкиот совет кој прашаа дали неготинската депонија кога би работела ќе има негативно влијание врз кавадарчани.
Макрадули на средбата потенцира дека таква депонија работела две години за што бил склучен и договор со претходната влада, но капацитетот престанал со работа, бидејќи не ги исполнил финансиските обврски кон државата.
„ Ние како МЖСПП будно ги следиме состојбите и согласно нашите законски обврски ја контролираме оценката за влијание на животната средина што е направена. Една јавна расправа направи нашето министерство. Ги прибиравме податоците. Нашата задача е да инсистираме на користењето на најдобрите пракса и техники за да не се влијае штетно врз животната средина. Во овој момент не е ништо конечно. Начинот на продажба или начинот на целиот концепт кој е направен е на разгледување од страна на државното правобранителство и во овој момент нема опасност за никого и тоа е еден процес кој што неможе да се случи преку ноќ“ вели заменик министерот за животна средина и апелираше да се работи на концепт за регионално третирање на отпадот.
Заменик министерот денешната посета во Кавадарци ја искористи и за посета на училиштата и централната градинка каде со средства од МЖСПП се врши промена на системите за затоплување со еколошки грејни тела. Тој имаше средба и со градоначалникот Митко Јанчев на која се разговараше за поддршката што општина Кавадарци ја доби од програмата за намалување на загадувањето, но и за промена на стари врати и прозорци со енергетски ефикасни во училишни објекти.
Ангел Данов