Колев: Велес достоинствено место за живеење на сите сегашни и идни генерации

Седумдесет и осум години слободен Велес, исто толку години велешани 9-ти ноември, денот на Општината го празнуваат и чествуваат. По повод слободата на градот, вчеравечер, се одржа свечена Академија на којашто градоначалникот на Општина Велес Марко Колев пред присутните граѓани рече дека претходната година посакал градот заеднички го гради со граѓаните за да прерасне достоинствено место за живеење за сите сегашни и идни генерации. За годинава да бидат потврдени сите заложби со дела.
-На градскте ѕидови околу нас со невидливо мастило испишани се имињата на бројни знајни и незнајни јунаци, улиците по кои чекориме послани се со нивната пролеана крв која до денес потсетува на аманетот за слободен Велес. Пред 78 години борците за слобода ни го оставиј аманет за убав Велес, за слободен Велес, аманет за чист Велес кој живее и твори, Велес кој ни припаѓа на сите нас, додаде Колев.
Градоначалникот додаде дека се покажало дека со посветена и макотрпна работа во Велес може да се живее убаво.
-Велес е градот кој го сакаме и е тука за сите, за најмладите и младите, за возрасните и ранливите, за оние со потреба и за оние со визија. Визија за Велес да продолжи да се развива и градот да биде пример за економија, инфраструктура, образование, спорт и култура. Тука стигнавме заедно така и да продолжиме. Честит 9-ти Ноември, честит ден на Општина Велес, додаде Колев.

Годинешниот добитник на наградата за животно дело „Гемиџии“ е Д-р Петре Крстев специјалист педијатар.Овој велешанец е иницијатор за формирање на Службата за детска превентивна здравствена заштита со развојно советувалиште во Здравствен дом во Велес. Од самото отворање во 1993 година, доктор Крстев работел како педијатар и се грижел за штотуку родените нови жители на Велес и го следел нивниот развој до шест годишна возраст скоро четири децении од својот живот.

-Најнапред би сакал да го честитам празникот на сите велешани. Оваа награда ќе ми биде водилка. Да не заборавиме да го работиме она што сме го работеле, поточно јас да го промовирам доењето и имунизацијата како основни мерки за намалување на заболувањето и смртноста во детската возраст. Се надевам дека и колегите после мене ќе го продолжат тоа што го работев, ќе имаме висока здравствена имунизација, повеќе доени деца и помала смртност. Упатувам апел до младите родители, особео до младите мајки, да ги дојат и да ги вакцинираат своите деца, порача Д-р Крстев.

Освен наградата „Гемиџии“, градоначалникот Марко Колев ја додели и наградата за најстудент „Проф. д-р Ѓорѓи Шоптрајанов“, годинава, на велешанката Љубенка Ордева студент на Факултетот за медицински науки во Штип на студиите по Општа медицина. Ордева до сега положила 50 испити и постигнала просек 9,82.

Годинава, Општина Велес со Советот одлучија Пофалници „9-ти Ноември“ за придонес и афирмација на градот да добиат Панче Ќурчиев-Пампик, Марија Давчевска, Олгица Мојсова Пепелашева, Леон Арсов, Љубица Малинова, Вероника Караколева, „Евентиве“ ДОО и Извиднички одред „Димитар Влахов“.

Додека пак, благодарниците „9 Ноември“ ги добија Меѓуопштинско здружение на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ Велес, хуманистите Зоран Николов и Ацо Думовски како и проф.д-р Златко Василковски.

Добитници на Спомен-плакети „9-ти Ноември“ се прим.д-р Лазар Бабунски, пензиониран офтамолог, Слободан Ников, истражувач и публицист и Иле Атанасов инженер – иноватор.

Во чест на добитниците на највиоските општински награди со мини концерт пред присутните на големата сцена „Петре Прличко“ на велешки Театар, настапија Лидија Кочовска, Влатко Груевски и Андреј Наунов изведувајќи македонски евергрин колаж.
Стефани Манева
