Ковачевски од Велес: 10% намалување на цените на основните прехрамбени производи
На трибината со велешани, што вчера вечер, се одржа во Велес претседателот на СДСМ и актуелен премиер на Македонија, Димитар Ковачевски се осврна на повеќето воведени мерки од страна на владата чија цел била да се преброди најголемата економска кризна година со која граѓаните се соочуваат од осамостојувањето на државата. Ковачевски предочи дека од воведената мерка за поефтина електрична енергија за компаниите кои произведуваат основни прехрамбени производи има евидентни резултати. Пред се одговорните производители кои ја намалија цената на лебот и на цената на маслото за јадење, особено најголемите, кои веќе ја намалија за 40 денари цената на маслото.
„Очекувам во наредните денови 10 % намалување на цените на основните прехрамбени производи. Ова е време на одговорност а не за правење на профит. Тоа му го кажав на министерот за економија и тој им го пренесе на производителите. Со производителите имаме одлична соработка. Можете да не видите заедно и кога ги посетувам со цел да обезбедиме пониски цени на основните прехрамбени производи за граѓаните. И дали е ова доволно? Не е. Тешко е за сите нас. И јас купувам на пазар и одам во продавница. Ги гледам цените. Но важно е да дадеме се од себе. И јас тоа го правам. Сите капацитети ги ставивме во функција да им помогнеме на што поголем број граѓани и компании а истовремено да ја зголемиме енергетската независност на државата, додаде Ковачевски.
Тој посочи дека постигно е зголемување на минималната плата од 9.000 на 18.000 денари. Тоа што не се случило во единаесетте години на владеењето на ВМРО ДПМНЕ било реализирано во времетраење од 10 месеци власт на СДСМ. Во истиот период зголемени биле и пензиите за 10 % додека со предвиденото зголемување во месец март,вгодина, вкупниот износ ќе изнесувал 16%. Тоа ќе се постигнело за една календарска година.
„Им кажав на министрите дека нема да го правиме тоа што го правеше ВМРО кога само пред избори еднократно ги покачуваше пензиите на пензионерите. Ја сменивме методологијата. Секоја година, два пати да се зголемуваат пензиите, како што раснат трошоците за живот и како што расне просечната плата. Затоа што пензионерите се наши татковци, мајки, баби и дедовци, кои не израснале и ни оставиле да ја водиме државата напред. Еден ден и ние ќе бидеме пензионери и затоа пензионерите го добија тоа што го заслужуваат. Додека јас сум премиер тоа ќе го имаат, рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ и премиер соопшти дека во државниот буџет за 2023 година обезбедени биле финансиски средства за планираните покачувања на пензиите на 330.000 пензионери и за платите на вработените. Најави дека како премиер и како Влада на Македонија си поставиле цел да се победи кризата и државата да го започне процесот на раст, особено на стандардот на граѓаните, за во наредната година тие да почувствуваат подобар живот.
Според Ковачевски предвидувањето на Европска банка е дека македонската економија во наредната година ќе бележи раст од 2,3 % поточно многу повеќе од претходните проекции на истата банка од 0,3% за земјите од евро зоната. Додаде дека во најкризната економска и енергетска 2022 година предвидувањата на Народната банка на Македонија изнесуваат пораст од 2%.
Претседателката на Општинската организација на СДСМ во Велес, Даница Чадиева, правејќи разлика на животот на граѓаните во Велес пред и во изминатата година, кога со градот управува локалната власт на ВМРО ДПМНЕ, констатираше дека не бил предаден ни еден инфраструктурен објект, не била започната изградба на ниту една проектна активност или најавена инвестиција.
„Се реализираше само еден проект. Се урна зградата на Работнички универзитет која го носи името на народниот херој Благоја Страчковски. Го нема повеќе објектот и споменот за херојот . Ја нема зградата што беше архитектонски бисер на градската европска архитектура а со тоа се урнати и европските вредности од минатото. Вечерва сме тука за да се знае кој гради, кој руши, кој чува а кој уништува. Помина една година од доаѓањето на ДМНЕ на власт на локално ниво а не се реализираше ниту еден проект. Знаете зошто? Локалната власт се гордее со готовите проекти што им ги оставивме. Неа тешко и оди со завршувањето на започнатите работи од нас и се се сведува на по некоја бекатон плочка и одигран спортски натпревар,“ додаде Чадиева.
Според Чадиева ,градоначалникот на Велес, ги манипулирал велешани кога како свои ги прикажувал реализираните проекти со финансиски средства што ги добивала општината од Владата. Таа ги наброја проектите како што се: новото возило на детската градинка добиeно од министерството за труд и социјална политика, реконструкцијата на улиците со пари од министерство за транспорт и врски, реконструкцијата на патот од Башино Село до езеро „Младост“ за чија реализација освен министерството за транспорт владата обезбедила пари и од Јавното претпријатие за државни патишта. Претседателката на СДСМ потсети и направи споредба со последниот мандат на локалната власт што тие ја имаа во Велес кога инвестициите овозможиле подобрување на престојот на децата во детските градинки, отворенениот Шелтер центар, подготвената документација и започнатата изградба на зградата со 29 нови социјални станови, обезбедената инфраструктура во сите училишта заедно со 10 владини инфраструктурни проекти и шест за рамномерен развој на територијата на Општина Велес.
Убавка Јаневска