Крводарителска акција иницирана од „Левица“ Велес, собрани 63 крвни единици
Велешкиот Црвен Крст, вчера, ја организираше Втората крводарителска акција во чест на Кочо Рацин, која што беше иницирана и поддржана од локалниот огранок на партијата „Левица“. Во акцијата што започна во 8:30 часот и траеше седум ипол часови собрани се 63 крвни единици.
– Крводарителската акција е во чест на Коста Солев Рацин. Годинава во месец јуни се навршуваат 81 година од неговото загинување. Велес е градот на Рацин, така што ние како локален огранок, втора година по ред ја реализираме оваа хумана акција, рече Димитар Абрашев член на Совет на Општина Велес на „Левица“.
Локалниот огранок на партијата упати благодарност до сите шеесет и тројца крводарители кои учествуваа во акцијата и искажаа хуманост.
– Благодарност до Општинската организација на Црвениот крст во Велес, Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, Народниот Музеј од Велес, додаде Абрашев.
Крводарителската акција се реализираше под мотото ,,Биди херој, дарувај крв, спаси нечиј живот” и слоганот ,,Рацин е вечен!”
Убавка Јаневска