Масовно труење на кучиња, во саботата, во село Теово
Сопственици на домашни миленици останаа без своите кучиња викендов во село Теово, во Општина Чашка. Тие во сабота, на 25 декември, претпладнето, околу 10 часот, ги забележале затруените кучиња како доаѓаат по патот што од селската црква води кон манастирот „Свети Архангел Михаил“. Кучињата се тетеравеле, неконтролирано се удирале во оградите на дворовите или паѓале и станувале. Некои од овие животни успеале да се довлечат до дворовите на сопствениците. Таму едно по едно угинувале додека од устата им излегувала пена.
-Глетката беше страотна. Помалку затруените кучиња успеваа да стигнат и до домовите. Останатите ги баравме и откако ќе ги пронајдевме сами ги носевме до дома. Не ги гледавме само како се мачат туку и се обидувавме да им помогнеме. Ни беше јасно дека на кучињата некој им фрлил отров. Но безуспешни беа нашите обиди да ги вратиме во живот. Едно по едно ни умираа а ние бевме немоќни да им го продолжиме животот, велеа на телефон сопствениците на отуени кучиња.
Тие побараа помош за да се откријат фрлачите на отровот. Дел од нив во паника прашуваа што ако децата биле со кучињата и имале допир со отровот.
За труењето на кучињата во село Теово побаравме информации од СВР Велес. Портпаролот Верољуб Додевски соопшти дека оваа случка не е евидентирана во полицискиот билтен.
Од граѓанското здружение „Виктор`с арк“ организација за спасување на животни го изразија својот револт против трујачите. Ова здружение е ново. Затоа сметаат дека можеби граѓаните не знаат дека можеле да пријават и кај нив. Виктор Мазнев го стави на располагање на граѓаните и својот моб. тел. број 070 380 055. Исто така и фејсбук страницата Victor’s Ark – animals rescue organization.
-Бараме од надлежните органи да ги откријат несовесните граѓани. Да постапат според законските прописи и да ги казнат трујачите. Апелираме кон луѓето да не ги изразуваат своите нечовечки карактерни особини со тоа што ќе посегнат по живот на куче или на маче, кои се најчести жртви на човечката нехуманост. Срамно е соселани да си го прават ова, во места каде што има и друг вид на добиток коишто, исто така, собира храна од земја. Ако некое од овие животни настрада тогаш загубата ќе биде уште поголема. Да не зборуваме за ситуации во кои деца би можеле да дојдат во допир со отровот, рече Мазнев.
Тој додаде дека доколку граѓаните имаат проблем со кучиња, можеби им прават штета, тоа треба да го пријават во Општина Чашка и кај останатите надлежни институции а не да прават дела штетни за целата околина. При тоа посочи дека жителите, како на ова така и на останатите населени места, кои пијат вода од бунари треба да знаат дека не смеат да расфрлаат отров по почвата затоа што отровот е растворлив и истиот може преку впивање во неа да се наталожи и во бунарите. Тогаш последиците би биле катастрофални.
Убавка Јаневска