Министерството ги преброја специјалистите интернисти, без став за потребата од супспецијалист пулмолог во велешка болница

„Согласно податоците со кои располага Секторот за секундарна и терциерна здравствена заштита, во моментов во ЈЗУ Општа болница Велес има 10 специјалисти по интерна медицина од кои 1 заминува во пензија. Од страна на болницата Велес не е барано посебна специјализација ниту супспецијализација по пулмологија. Исто така, во овој регион е и Специјалната болница за белодробни заболувања Јасеново каде има 1 специјалист по интерна медицина и 1 специјалист по пулмологија и 1 на специјализација по интерна медицина,“ гласи одговорот на министерството за здравство на новинарските прашања на Дума.мк.
Сепак Дума.мк не побара одговор за бројот на лекари туку: „ Кога и како ќе биде овозможено во велешка Општа болница да се вршат прегледи и да се препишува терапија од страна на супспецијалист пулмолог?“
Од министерството, на телефон, додадоа дека во изминатите години не добиле писмено барање од болницата за специјализација или супспецијализација за пулмологија.
Инаку, ЈЗУ Општа болница Велес од Министерство за здравство пред две години ги добила последните четири специјализации на лекари. Според информации на в.д директорот Ристе Богоевски во 2021 година, во времетраење од по 60 месеци, за инфектолози специјализации добиле др Ирена Трајкова и др Вера Арсова Митревска, која поради користење на породилно отсуство не ја започнала специјализацијата како и од по 72 месеци, за Анестезија, др Ангел Стефанов додека за Офталмологија, очни болести, др Елеонора Јованова која исто така била на породилно отсуство.
Од годинава болницата има уште еден лекар специјализант на медицинската гранка Анестезија, поточно др Зорица Петковска.
На списокот на специјализанти на оваа јавна здравствена установа се наоѓаат вкупно 13 лекари. Од нив во 2017 специјализации од по 72 месеци за Општа хирургија добиле др Ангел Стојановски за кого во забелешка пишува дека бил превземен и др Марија Атанасова. Две години подоцна специјализанти станале и др Сандра Алексова чија специјализација на Педијатрија трае 60 месеци, др Ангелина Н Сарагинова со 60 месеци на Гинекологија и акушерство, др Снежана Ѓоргиева со 48 месеци на Психијатрија, др Тамара Бојковска со 48 месеци на Неврологија,но користи породилно до месец август,годинава, потоа др Ирена Леова Коцевска со 72 месеци за Општа хирургија и др Влатко Лукаров со 48 месеци на РТГ.
Убавка Јаневска
