Момче тепало девојка во Велес и жена нападнала жена во Кавадарци а се запалила и кола на автопат Неготино – Демир Капија

Во Полициската станица Велес, вчера рано утрото, во 2:30 часот триесет и четири годишна Велешанка пријавила дека во градот била физички нападната од нејзиното момче К.С. од Скопје.
Физички напад пријавила и Кавадарчанка. Во пријавата на триесет и осум годишната жена времето на напад е исто така вчера, во попладневните часови, поточно во 17:00 часот, во близина на Градскиот парк во Кавадарци. Неа физички ја нападнало едно женско лице. Пријавувањето било во ОВР Кавадарци.
-За двете пријави се преземаат мерки за расчистување на случаите,соопшти Биљана Ѓаковска портпаролка на Сектор за внатрешни работи Велес.
Ѓаковска информира и за случка што вчера вечер, во 19:30 часот била пријавена во ОВР Неготино дека на автопат Неготино – Демир Капија, кај наплатна станица Демир Капија, настанал пожар во патничко возило марка „пежо 407“ со скопски регистарски ознаки. Пожарот се случил додека возилото се движело и го управувал Д.Л.(28) од Скопје. На лице место интервенирала Територијална противпожарна единица од Неготино и за среќа нема повредени лица. Увид извршила увидна екипа од ОВР Неготино.
Убавка Јаневска
