Неготинските ловџии се скара за ловниот туризам!
Дел од љубителите на ловот во Неготино деновиве побараа вонредна седница на ловното друштво Вардар од Неготино, поради како што рекоа,сомнеж дека друштвото „Вардар„ направило штетен договор за ловен туризам со грчки ловџии и недомаќински работело.
Барањето кое е доставено до медиумите е испратено и до УО на ловното друштво.
Со него има и петиција со потписи на членови на друштвото како и неколку лица со име и презиме кои се наведени како иницијативен одбор.
Тие напишаа дека законски управниот одбор има рок од 30 дена во кои треба да свика собрание а доколку не го стори тоа тие на сопствена иницијатива ќе свикаат вонредно собрание на друштвото.
Во петицијата посочуваат дека мандатот на сегашните членови во органите на управување на „Вардар“ биле истечени и не биле легитимни да управуваат а изостанувале и редовните годишни седници на Собранието.
-„Договорот со Грците за нас е штетен зашто како што сме информирани,покрај отстрелот на грлици за што имаат дозвола,тие убиваат и зајаци како и еребици. Ова е надвор од контрола и стравуваме дека нашето природно богатство е загрозено“,изјави Јован Ѓелов,член на ИО.
Од ловното друштво Вардар се категорични дека нема штетен договор со Грците и дека заради промоција на нашата држава како атрактивна за лов го склучиле тој договор со грчките ловџии кои купувале годишна дозвола за ловење.
Секретарот на друштвото Јаким Зимоски негира дека грчките ловџии неконтролирано ловеле во Неготинско и дека согласно законскиот рок ловеле гулаби за што имале дозволи а и за лов на еребици.
„Имаме контрола на теренот,кога доаѓаат ги пријавуваме во полиција и со нив оди ловочувар,“ рече Зимоски.
Тој негира дека направиле штетен договор и посочува дека биле контролирани од инспекции кои констатирале позитивна работа.
За оние кои биле потпишани во петицијата, Зимоски, рече дека не биле членови на друштвото а имало и такви кои не ја подмириле годишната членарина./Б.Н.Т