По Пепелишки мост сообраќајот трет ден е забранет а возачите не знаат!
По мостот кај неготинското село Пепелиште не се минува веќе два дена но, малкумина од граѓаните знаат за забраната.
Вчера а и денеска од Неготино кон мостот сообраќаат голем дел на автомобили а има и камиони од различни делови на државата.
Сите тие планирале патување преку Неготино и Криволак за да стигнат до Штип, Радовиш и Струмица.
А кога ќе дојдат пред мостот полицијата ги враќа назад камионите додека на возачите на автомобили им останува алтернативата да го користат локалниот пат преку селото Пепелиште кој води кон армискиот полигон Криволак од каде потоа се вклучуваат на регионалниот пат Р 1 – 107 за да го продолжат патот кон Штип.
„Ја сум возач на камион, вчера се вратив од Романија а денеска требаше да продолжам да возам кон Бугарија и еве сега ме информираа дека по мостот не можам да поминам. Ке се вратам назад“
„Знаевме дека забраната да се помине по мостот важи за камиони затоа тргнавме по овој пат ама не било така и сега ќе одиме преку селото Пепелиште иако знаеме дека еден дел од патот е во многу лоша состојба“, рекоа граѓани кои ги затекнавме пред мостот кај Пепелиште.
Забраната за целосен прекин на сообраќајот по мостот кај Пепелиште стапи на сила во понеделникот напладне.
Ден претходно беше констатирано дека, зголемениот водостој на Вардар донесе дрвја и гранки кои се натрупаа на столбовите, по што мостот попушти и се искриви еден од носечките столбови.
И со голо око е видливо дека е пропаднат и коловозот на мостот.
Од безбедносни причини по мостот не треба да се движат луѓе. Засега нема информација кога ќе започне санацијата на пепелишки мост и до кога ќе трае забраната за сообраќај и преминување./Б.Н.Т