Неготинци во очекување на млаз вода од градскиот водовод!
Ќе го реши ли конечно проблемот со водоснабдувањето локалната власт во Неготино. Вообичаено е за жителите на градот со часови да се под редукции, независно дали е лето или зима. Тие што живеат во повисоките делови на градот без вода се и по 20 часа дневно.
„Во Неготино постојани се рестрикциите на вода, особено е најтешко за време на летниот период кога најмногу имаме потреба од неа. Тогаш мораме да полниме се што ќе ни се најде при рака зашто не се знае, може и цел ден да не потече капка од чешмите,“ рече пензионерката Рада.
Во 21 век, туширањето за неготинци е луксуз, бидејќи вода од чешмите тече само за време на прослави.
Од локалната самоуправа смируваат. Велат проблемот ќе се надмине со кредит кој општината го доби од КФВ банката во висина од 500.000 евра. Кредитот е со рок на отплата од 28 години, грејс-период од 10 години и годишна камата од 2%, со што локалната самоуправа очекува дека ќе го реши долгогодишниот проблем.
Во моментов во општина Неготино течат активностите од првата фаза од проектот за подобрување на состојбите со водоснабдувањето. До 15 јули треба се изврши замена на 2.600 стари со нови и автоматизирани водомери во домаќинствата во градот. Досега во оваа фаза од проектот заменети се 700 водомери. Локалната власт планира во мај 2014 да започне со нормално водоснабдување откако треба да се елиминира загубата која се појавувале поради дотрајаната мрежа и старите водомери.
Во употреба се пуштени новите бунари во село Пепелиште со дополнителни 35 л/сек вода која доаѓа во мрежата на Неготино од кои се очекува да ги запрат дневните рестрикција на водата. Бунарите работат откако локалната власт одлучи да купи нови потопни пумпи кои чинат 870.000 денари./Б.Н.Т
