Иванови од Неготино, со две болни деца, бараат државата да ја зголеми сумата за помош
Така требало да биде,тоа што се случи се случи и ние го прифативме ама кога веќе не снашла ваква судбина тогаш треба и општеството и државата да имаат малку повеќе разбирање за нас,вака започна да ни ја раскажува својата животна приказна Светлана Иванова (41) од Неготино.
Двете деца на Светлана и Трајче, осумнаесет годишната Драгица и деветгодишниот Стефан , боледуваат од церебрална парализа. Светлана дваесет и четири часа се грижи за нив. Таа вели дека треба надлежните институции во државата да им обрнат поголемо внимание на ваквите случаи, да покажат волја и разбирање за нивното тешко секојдневие.
– Во центарот за социјални работи кога им се обраќаме за помош секогаш ни викаат дека ни следува тоа што е посебен додаток за децата и ништо друго. Многу пати сум прашала дали може нега од трето лице за тоа што сепак големи обврски се ама не ми дадоа. Јас бев болна, имав и операција затоа побаравме нега од трето лице за да ангажираме лице да ми помага меѓутоа не ни следува така ми рекоа, рече Светлана.
Средставта кои ова семејство ги добива за грижа за двете деца не им стигнуваат ниту за лекови. Во пресрет лани им излегле од локалната самоуправа кога им подариле клима,зашто неподнсоливите горештини многу им сметале на децата.
– Ако немаше клима јас не знам како ќе излезевме на крај со децата. Се гушеа, не можеа да дишат,бев многу исплашена. Сега е малку подобро а намалија и горештините. Сепак проблем е водата кај нас во Неготино ,морам да полнам вода во шишиња да имам кога им е најтешко за да ги истуширам. Имаме големи проблеми,рече Светлана.
Од Црвениот крст добиле количка но не можат да ја користат затоа што нивниот двор пред куќата не е цементиран и тешко е да се движат децата со количката по него. Добиле и специјален кревет за Драгица која има проблем со хранењето и мора да се внимава кога јаде.
Светлана ни кажа дека неколку пати по меил реагирала во ресорното министерство од каде ја препраќале до Центарот за социјални работи во Неготино. Оттаму следел одговор дека не можат ништо повеќе да сторат,зашто толку дава државата за возраста на која се децата.
Иванови се само едно од многуте семејства кои го имаат овој проблем Тие велат не бараат многу,само да се зголеми паричната помош што законски им следува бидејќи е тешко да се грижиш за две болни деца. Секоја помош е добредојдена./Б.Н.Т