Инжинери од Хрватска хидраулично ќе го регулираат притисокот на вода во Неготино
Претставниците на хрватската компанија ИМГД кои ќе работат на намалување на загубите на вода, денеска пристигнаа во Неготино. Тие во наредниот периот ќе го реализираат проектот за хидраулично мерење на притисокот на водата во водоводната мрежа на подрачјето на општината.
Како што нагласи градоначалникот Ванчо Апостолов станува збор за еден од неколкуте проекти што локалната самоуправа ги спроведува за подобрување на водоснабдувањето, при што се очекува дефектите во водоводната мрежа полесно да се детектираат, санираат и да се сведат на минимум.
„Притисокот ќе се регулира во сите зони од градот, што пак ќе придонесе за овозможување рамномерен доток на вода до домовите на семејствата и најглавното во најблиска иднина редукциите на водата за пиење да бидат минато за неготинци“ рече Апосотолов и инфомира дека општината спроведува уште два проекта за подобро водоснабдување. Се реконструира водоводната мрежа на 16 улици во градот, а се градат и 2 нови акумулации.
„Како резултат на нерегулираниот притисок, на терен се констатирани огромни загуби во мрежата што придонесува за недостиг од вода за пиење. Со завршувањето на проектот најдоцна до крајот на тековнава година состојбата драстично ќе се подобри, а стручни лица константно ќе имаат контрола при мерењето на притисокот на водата во водоводната мрежа“ рече претставникот на ИМГД од Хрватска, Радоје Радаковиќ./A.Д