Полицијата го бара возачот на камион со мигранти кој синоќа избегал кај визбата „Повардарие“
Полицијата го бара возачот на камионот марка „мерцедес“ без регистерски таблички кој синоќа околу 21 часот успеал да избега од локалниот пат село Дуброво – Неготино откако бил откриен како превезува илегални мигранти. Бегството се случило кога возачот на камионот, на стотина метри пред себе, ги забележал полицајците. Тој тогаш прво ја намалил брзината на движење на камионот од чие совозачко место скокнало едно лице и се дало во бегство кон винарската визба „Повардарие“. Потоа и тој скокнал и избегал кон блискиот рид а возилото продолжило само да се движи уште педесетина метра по што излетало од патот во канал.
По сообраќајната несреќа од камионот излегле 7 лица илегални мигранти од Сирија и Ирак на возраст од 18 до 46 години и едно десетгодишно дете. Тројца мигранти се обиделе да побегнат. Од страна на полициски службеник во воздух бил испукан еден куршум од пиштол, како предупредување. Мигрантите се смириле и биле фатени.
Откриените мигранти биле предадени на Регионален центар за гранични работи Југ и сместени во Прифатниот центар за странци на МВР.
Увид на лице место извршила увидна екипа од Регионален центар за гранични работи Југ.
Полицијата превзема мерки за пронаоѓање на возачот на товарното моторно возило./У.Ј