На одмор во Струга деца од семејства во социјален ризик од Неготино
Четириесет и едно дете од социјален ризик од Неготино и Демир Капија, меѓу кои и петмина родители придуружници на пет деца и двајца волонтери од Црвен Крст, заминаа на летување во одморалиштето „Мајски цвет“ во Струга. Ова е првата група на деца од овие општини кои ја користат поволноста да летуваат на сметка на државата.
До неготинскиот центар за социјални работи биле доставени 160 барања за користење на бесплатно летување. По враќањето на првата група на бесплатно летување ќе заминат и останатите пријавени деца од семејства во социјален ризик.
Услугата бесплатно летување децата ја користат во смени од по седум дена, вклучувајќи по шест полни пансиони, збогатени со многу забавни, едукативни и спортски активности. Превозот до одморалиштето и назад е организиран од Центарот за социјални работи Неготино.
„Беше објавен јавен повик за користење на услугата, бесплатен одмор за деца од семејства во социјален ризик, деца од семејства приматели на социјална помош, деца без родители и родителска грижа родени во периодот од 2000 до 2005 година“ велат од неготинскиот центар за социјални работи./А.Д