Шеќеринска: На Македонија и е потребна одговорна и отчетна власт
„На Македонија и е потребна одговорна и отчетна власт со механизми за контрола на граѓаните над власта“ рече заменик претседателката на СДСМ, Радмина Шеќеринска на трибина во Неготино. Таа нагласи дека од овој град започнуваат серијата средби со граѓаните на кои се слушаат предлозите кои ќе бидат содржани во изборната програма на СДСМ.
„ СДСМ има визија какво општество ќе гради, заедно со граѓаните. СДСМ е помеѓу граѓаните за да разговара за нивните проблеми и за тоа како Македонија да добие добра власт. Нашата визија, Визијата за Македонија ја ставаме пред граѓаните, пред вас, да дебатираме, да разговараме, да го слушнеме вашето мислење. Целта ни е да создадеме програма, не напишана во канеларии, туку на терен, заедно со граѓаните. Само така Македонија ќе добие подобра власт на којашто на прво место ќе и биде човекот, граѓаните“ рече Шекеринска.
Таа додаде дека на Македонија и е потребен развој на долг рок којшто е возможен само преку враќање на средната класа, со отчетна и отворена власт.
На трибината неготинци се пожалија на проблемите кои ги мачат со откупот на грозјето, немањето континуирано водоснабдување, но и нефункционирањето на гинеколошко-акушерскиот оддел во Здравствениот дом во Неготино, поради што жените од Неготино мораат да се пораѓаат во други градови./A.Д