Неготино под редукции на вода за пиење
Летниот период е тежок и мачен за Неготинци. Освен со топлото време граѓаните се справуваат и со редукции на водата за пиење. Редукциите се реализираат во два термини од денот. Состојбата воопшто не е едноставна а со децении се случува во градот. Основен декор во лето, во дворовите на Неготинци, се многубројните пластични шишиња, канти и буриња со вода.
Општината се обидува да го ублажи проблемот на граѓаните. Се реконструира водоводната мрежа и се гради нов скада систем. Се регулира притисокот во водоводната мрежа откако се заменија старите со нови водомери. Градоначалникот им ветува на граѓаните дека за брзо време во Неготино рестрикциите на водата за пиење ќе станеле минато.
– Го завршивме прокетот за замена на вододводната мрежа во десет улици а изграден е и резервоар од 500 метри кубни во село Тимјаник,кој ќе ја опслужува високата и дел од ниската зона додека постоечкиот резервоар за висока зона ќе го пренамениме за потребите на село Тимјаник. Деновиве треба да распишеме тендер за секундарно приклучување на сите домаќинства и правни лица во новата водоводна мрежа која треба да профункционира за три до четири месеци. Мрежата е компетно завршена. Бидејќи останаа средства од заемот од Светска банка, некаде околу 26 милиони денари, планираме да се замени водоводната мрежа на петте улици кои се најоштетени и останаа да се приклучат на секундарната мрежа. Тоа е долг и макотрпен процес на кој работевме две години. Само на подготовката на документација посветивме една година. Сметам дека најмногу за една година ќе имаме комплетна замена на 70 години старата водоводна мрежа во градот,рече градоначалникот Ванчо Апостолов.
Тој додаде дека општината ќе распише тендер а компанијата која ќе биде најефтина и најквалитетна ќе работи на терен.
Сега Неготино се снабдува со вода за пиење од регионалниот водовод Лукар со 77 литри во секунда што е премалку во споредба со реалните потреби на градот. Старата мрежа има постојани дефекти и огромната загуба на вода/Б.Н.Т