Шарпланинец касна десетгодишно дете во Неготино
Шетањето на домашни миленици без заштитна корпа може да биде опасно за што говори и последниот настан во Неготино. Имено, како што информира портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски, вчера шарпланинец каснал десетгодишно дете во Неготино додека си играло со своите другари.
Немилиот настан се случил кај местото викано „Антена”. Додека група деца си играле, кај нив поминало лицето И.Т.(18) шетајќи го неговото куче од раса шарпланинец врзано со ланец, но без заштитна корпа.
„ Кога кучето дошло до десетгодишникот, скокнало и го каснало за левата рака, при што, му нанело видлива телесна повреда, рече Додевски.
На повреденото дете му била укажана лекарска помош во најблиската медицинска установа, а настанот бил документиран од овластени службени лица од Полициска станица од општа надлежност Неготино.
Oваа случка во Неготино укажува на опасноста и од домашните миленици, а не само од кучињата скитници. Затоа е потребно да се санкционираат сите сопственици на вака опасни кучиња кои ги шетаат низ градот без заштитна корпа./А.Д