Станови за осум пензионери со ниски пензии
Два брачни парa и шест други пензионери со пониски примања од вчера добија покрив над главата. Се вселија во новите станови што во пензионерскиот дом ги изгради здружението на пензионери од Неготино. За овој проект беа потрошени околу девет милиони денари, сопствени пари на здружението.
„Со едно домаќинско работење успеав да изградам нов пензионерски дом со осум стана. Беше распишан оглас и становите се доделија на луѓе на кои им се најпотребни. Се гордеам што сме единствено здружение во Македонија што успеавме со сопствени средства да го изградиме овој дом. Станарите ќе плаќаат по 1.200 денари месечно“ вели Петар Захарчев, претседател на здружението.
Тој информира дека и досега се помагале загрозените пензионери, со ниски пензии. Им била исплаќана еднократна парична помош, а им се давале субвенции и за бањско лекување./А.Д