Се делат флаери против депонијата за инертен и индустриски отпад во Неготино
Активисти на Здружението на граѓани „Ековита” од Неготино, денеска на градскиот плоштад делеа флаери против изградба на депонија во оваа општина. Претседателот на Здружението, биолошкиот инжењер Сашко Тодоровски, неодамна покрена иницијатива за референдум по ова прашање и во моментов е во тек собирање на 3.200 потписи. Со собрани потписи, следува референдумско изјаснување.
-Тука сме за да ги информираме неготинци за нашиот став дека не треба да се гради депонија близу заштитено подрачје на природата. Стравуваме за здравјето и животната средина. Нема политичка позадина во целата оваа работа. Како граѓанин не ми е важно кој ја започнал работата околу депонија, а кој сака да ја заврши. Важно ми е здравјето на сите нас, рече активистот Александар Гичовски.
Заклучно со вчерашниот ден, биле собрани околу 830 потписи.
– Очекуваме се повеќе да се зголемува бројот на лицата кои ќе отидат да се потпишат во канцеларијата на ДИК во општинската зграда и да ја поддржат иницијативата за референдум, нагласи Гордана Атанасова, активист.
Неодамна, на јавна расправа пред присутни неготинци, беше кажано дека се планира да се гради депонија за инертен индустриски неопасен отпад. Беше речено дека процесот ќе биде безбеден, контролиран и транспарентен.